Претстојниве три дена се играат реванш натпреварите од полуфиналето на Купот на Република Македонија кај младинските фудбалски категории. Вкупно пет вардарови фудбалски млади екипи ќе одиграат реванш натпревари во најмасовното натпреварување.
Во четврток со почеток од 14 часот Вардаровата генерација “2003“ гостува во Куманово, на екипата на Милано. По првиот дуел одигран на академијата, избраниите на Томче Трајановски славеа со резултат 3:0. Против истиов противник забележавме победа и во неделата, кога во рамките на регионалната-скопска лига ги совладавме со резултат 5:1.
Само формалност би требало да биде реваншот за генерацијата на ФК Вардар родени “2002“ година, кои по првиот дуел одигран во Битола, против екипата на ФК Талент имаат добра предност од 3:0. Возвратниот меч се игра во среда на теренот на академијата со почеток од 12 часот.
Добра предност пред одигрување на реванш мечот од полуфиналето на купот имаат и пионерите. Избраниите на Сашо Тодоровски на првиот меч одигран на домашен терен победија убедливо со 3:0, со големи шанси да се пласираат во големото финале. Реванш дуелот во Прилеп ќе се одигра во четврток, со почеток од 13:00 часот .
Кадетите и младинците ќе имаат пред себе тешка задача да се пласираат во големото финале на купот. Кадетите во среда со почеток од 12 часот гостуваат во Струмица, на екипата на Академија Пандев. Првиот нивни натпревар во Скопје, заврши со нерешен резултат 1:1. Младинците пак ќе “бркаат“ два гола негатива на реваншот кој се игра во четврток на теренот во населбата Јане Сандански, откако на првиот полуфинален натпревар загубија во Струмица од истиот тим со резултат 2:0.