Пионерите на ФК Вардар со висок триумф од 4:0 ќе патуваат во Прилеп, на реванш мечот од 1/4 финалето во Купот. Денес на теренот на Академијата, Вардар ја совлада високо екипата на Победа.
Тренерот Стефановски стартуваше со следниве 11-сетмина: Стојковски, Давков, Ѓорѓиевски, Ѓоргоски, Трпезановски, Давидовски, Стојчески, Мирков, Марковски, Стојановски.
Првиот директен удар го имаше екипата на Вардар и тоа Антонио Мирков кој се обиде директно од корнер да го изненади противничкиот голман, кој сепак беше внимателен и успешно одбрани. Нашите пионери ја искористија својата прва сериозна прилика за гол и успеваат да го отворат резултатот со голот на Георг Стојановски, кој погоди за предност од 1:0. Во следниот период од мечот, се обидоа и Марковски, како и Давков, но во двата наврати одбрани голманот на Победа. Ја имавме иницијативата на мечот, се обидувавме да го загрозиме повторно голот на гостинскиот тим. Стојчески се обиде со глава, но биеше само крај голот.
До крајот на првото полувреме видовме уште еден гол, повторно дело на Георг Стојановски кој од слободен удар го матираше противничкиот голман, кој не се постави најдобро, па беше принуден да ја вади топката од својата мрежа, за предност на Вардар од 2:0. Обид во последните минути имаше и Стојчески од десната страна, но одбрани голманот на прилепчани.
На стартот од второто полувреме, пионерите на Вардар имаа низа прилики. Стојановски се обиде, но одбрани голманот на Победа, како и во два наврати Давков, во првиот одбрани голманот, во вториот шутираше крај голот. Страшна иницијатива имаа вардарци, кои сакаа со што поголем триумф да го завршат овој прв 1/4 финален меч во Купот. Одлична прилика имавме преку Георг Стојановски, кој се добро направи го лобуваше голманот, но топката заврши крајот голот. Нова прилика за Вардар, повторно Давков се закани, но без реализација. Во игра кај Вардар ги видовме Сељанац и Исмаиљи. Во листата на стрелци успева да се запише и Андреј Стојчески, кој ја погоди противничката мрежа за водство од 3:0. Гостите од Прилеп имаа една сериозна прилика, кога направија контра, сепак Лука Стојковски се истакна на нашиот гол и ја зачува мирна мрежата на денешниот меч. Со својот хет-трик денес, Георг Стојановски ги постави конечните 4:0 на овој дуел. Гео си поигра со голманот и со целата одбрана на Победа, повторно погоди и го псотави конечниот резултат од 4:0.
Пионерите на Вардар имаат голема предност пред реваншот во Прилеп и со една „нога“ се пласирани во 1/2 финалето од Купот.