Пионерите на фудбалскиот клуб Вардар ќе играат во полуфиналето на Купот на Македонија, откако денес на гостински терен ја елиминираа екипата на Македонија Ѓ.П. Патникот во следната рунда беше познат дури после изведување на ударите од белата точка, откако натпреварот во регуларниот дел заврши со нерешен резултат 2:2.
Вардар имаше поголем посед на топка на овој натпревар и може да се каже дека заслужено се пласираа во полуфиналето, иако беа блиску тоа да го направат и во регуларниот дел од натпреварот, но во судиското продолжение од пет минути екипата на Македонија Ѓ.П, успеа да постигне гол и да го израмни резултатот. Инаку домашниот тим беше тој кој по првото полувреме имаше предност од 1:0 со погодокот на Андреј Стојкоски во 34 минута од мечот.
И покрај негативата, избраниците на Саше Божиноски не се откажаа од својата игра и продолжија да креираат акции за загрозување на противничкиот гол. Се играше 65 минута кога после изведен корнер и одбиена топка од левата страна, Матеј Митревски, беше играчот кој додаде топка до Тино Спасиќ кој успеа да донесе израмнување на 1:1. После само пет минути од израмнувачкиот гол, Вардар успева да постигне уште еден гол во мрежата на домашниот тим и да направи комплетен резултатски пресврт. Откако Уневски беше фаулиран во противничкиот шеснаесетник, главниот судија оправдано покажа на белата точка, а сигурен реализатор беше Горјан Цветков за наше водство од 1:2. Вардарци ја одржуваа предноста се до истекот на 90.минута, кога домашната екипа успеа да постигне гол после еден центар шут и мешаница во нашиот шеснаесетник, Александар Анастасијески беше играчот кој донесе израмнување на 2:2 во судиското надополнување.
Во пенал серијата како подобар тим се покажа Вардар, кој успеа да реализира во сите пет серии. Успешни од белата точка беа Трајчевски, Кулуковски, Ристовски, Јакимовски и Цветков, додека домаќинот промаши во последната петта серија. Така, Вардар успеа да се пласира во 1/2 финалето на националниот Куп.
Вардар: Апостоловски, Трајчевски, Фидановски, Митревски, Јакимовски, Спасиќ, Кузмановски, Сековски, Бундалески, Кулуковски (К) и Цветков.
Играа уште и Уневски, Ристовски, Цикарски, Нурединовски и Радевски.