Пионерите на Фк Вардар максимално ја искористуваат паузата во домашните натпреварувања, за да одиграат пријателски натпревари со цел одржување на формата. Избраниците на Сашо Тодоровски ја победија екипата на Борец од Велес на контролен дуел и тоа со целосен резултатски пресврт. Мечот се одигра во Велес и заврши со триумф на црвено-црните со резултат 2:4. По првото полувреме домаќините имаа водство од 2:0. Марко Ѓоргиевски постигна хет трик и еден гол зад името на Кренарт Дардлиша.
После негативата од два гола во првиот дел, во вторите 45 минути Вардарци сериозно го сфатија овој меч и ја наполнија мрежата на противникот. Радува доброто издание на голгетерот Марко Ѓоргиевски, кој полека ја враќа својата препознатлива форма од минатата сезона, кога беше убедливо најдобар стрелец со 38 постигнати погодоци во двете натпреварувања. На овој контролен натпревар шанса за настап и докажување добија играчите кои имаа помала минутажа во текот на есенскиот дел од сезоната во лигата и купот. Во црвено-црниот состав на проба се наоѓаат и неколку играчи и не се исклучува можноста некој да го засили тимот. Пред се најголеми шанси има репрезентативниот играч од дефанзивната линија, левиот бек Филип Антовски. Сигурно дека во текот на подготвителниот зимски период ќе се разгледуваат сите адекватни потенцијални засилувања, но и ќе се анализираат натпреварите и постигнатите резултати остварени во првиот дел од сезоната.