Во новата натпреварувачка сезона, натпреварите од ПМФЛ ќе бидат пренесувани на каналите на Арена Спорт и МТВ. Вака е договорено на состанокот во Белград, меѓу претседателот на ФФМ и претставниците на Арена Спорт.
По разговорите во седиштето на ТВ Арена Спорт, раководството на регионалниот спортски канал, ТВ Арена Спорт, достави понуда до Фудбалската федерација на Македонија за телевизиските права за натпреварите од 1 МФЛ во чија рамка влегуваат два директни преноси од секое коло (сабота и недела), правата за натпреварите од Купот на Македонија и ексклузивно право за емитување на натпреварите на териториите каде што се емитува ТВ каналот, Арена Спорт.
Раководството на ФФМ ја претстави понудата пред претставниците на клубовите од нашата Прва лига и заеднички се согласија ТВ правата да бидат отстапени на водечкиот регионален спортски канал, ТВ Арена Спорт во наредните две сезони. Финансиската понуда, исто така, им беше презентирана на претставниците на клубовите и донесоа одлука со средствата добиени од продажба на ТВ права да се покријат трошоците кои клубовите од 1 МФЛ ги плаќаа во име на котизација за настап во МФЛ.
Во проектот за телевизиските права од 1 МФЛ ќе биде вклучен и нашиот Национален сервис (МТВ). Двата натпревари од секое коло (сабота и недела) ќе се емитуваат и на МТВ која телевизиски ја покрива територијата на нашата држава со директни преноси и коментар на македонски јазик.