Денес на терените на ФФМ, ново коло во детската фудбалска лига одигра генерацијата на Вардар родени “2009„ година. Тие забележаа по една победа и пораз.
Екипата на Вардар (2) претрпе висок пораз од шампионската генерација на Форца. Заслужена победа за противникот, кој прикажа многу повеќе на овој меч. По првото полувреме тимот на Форца имаше голема предност од 0:4. Еден гол беше постигнат од пенал, откако црвено-црните направија три корни, додека покрај погодоците уште на два пати ја погодија стативата од нашиот гол.
Малку подобра игра на Вардар во второто полувреме, веднаш се обиде Сулејман Качман, но одбрани противничкиот голман, за во следната акција Димитар да постигне почесен гол за Вардар и да го намали резултатот на 1:4. Во вториот дел нови два гола видовме во нашата мрежа, за водство на Форца од 1:6 и еден промашен пенал, односно вардаровиот голман успешно го скроти ударот од белата точка.
Вардар (1) пак беше сигурен и стигна до голем триумф во дуелот со екипата на Куманово. Првата голема прилика на овој меч ја имаше Марко Петровски, но голманот на Куманово спречи рано отварање на резултатот. Се редеа шансите пред противничкиот гол, пред отварање на резултатот во прилика се најде и Стојковски , но повторно голманот поуспешен, не и во вториот обид кога Јаков Стојковски успеа да ја затресе мрежата и да му донесе предност на својот тим од 1:0. Избраниците на Петковски имаа можност да го зголемат резултатот, кога поради три корни беше досуден пенал во наша корист, но истиот не го реализира Михајловски кој ја погоди само пречката од голот. Сепак истиов играч во следната акција ја исправа својата грешка и успева да постигне гол за зголемено водство од 2:0. Вардар имаше целосна иницијатива на мечот, од прекин се обиде Стојковски шутира покрај голот, а на нашиот гол одличен беше и Баснарков кој фати неколку удари на притивникот. Во последната минута од првиот дел, почесен гол и за Куманово кој го намали резултатот на 2:1.
Вистинска голеада на Вардар во второто полувреме од натпреварот. Следат два последователни голови од кои еден од белата точка за Васко Папаливски за веќе убедлива предност на Вардар од 4:1. Имаше нов обид и Стојковски, но без реализација. Сепак вардарци до крајот уште пет пати ја тресеа мрежата на Куманово. Дарин Михајловски со својот втор гол зголеми на 5:1, додека Марко Петровски од пенал зголеми и на 6:1. Продолживме со офанзивната игра, која ни донесе нови голови. Матеј Крстевски се запиша во листата на стрелци, гол кој значеше предност од 7:1. Најубавиот гол на дуелот го постигна Јаков Стојковски кој погоди од половина терен за 8:1, додека конечниот резултат од 9:1 го постави Вилијам Ангеловски.