Денес на терените на ФФМ, два натпревари во рамките на детската лига одигра генерацијата на Вардар родени “2006“ година. Избраниците на Сашо Јанев забележаа по една победа и пораз.
Триумфираше Вардар (1) кој за противник ја имаше екипата на Ринија, која ја совлада со резултат од 6:0. Заслужен триумф за црвено-црните, кои покрај постигнатите голови имаа уште неколку изгледни шанси за повисок триумф. Првиот директен удар го имаше Дарко Сековски, кој шутираше покрај голот на Ринија, за Коловски во следната шанса после нафрлена топка од Галевски, да бие од прва, за малку покрај голот отиде топката, по што резултатот остана оној почетниот. Пред да стигнеме до водство, обид имаше и Алтин Алији, но одбрани голманот. Вардар следниот удар успева да го претвори во погодок, откако Кристијан Галевски биеше од речиси половина терен и успева да го совлада противничкиот голман, за предност на црвено-црните од 1:0. Набргу успеваме да го зголемиме водството, кога на 2:0 зголеми Марко Николовски, откако од левата страна претходеше продор на Коловски кој нафрли топка, а на вистинското место се најде Николовски. Имавме целосна иницијатива на теренот, која ја претвараме во нов трет гол во мрежата на Ринија, прв на мечот за Алтин Алији, кој поради несмасна реакција на голманот кој ја испушти топката од своите раце, на Алији не му беше тешко да ја смести во мрежата, за резултат од 3:0 по првото полувреме.
Конечно и Ринија во вториот дел го упати првиот директен удар, но успешно одбрани Андреј Данстак. Во следните минути Вардар можеше да постигне уште најмалку два гола, но сепак немавме среќа. Најпрво Сековски ја погоди стативата од противничкиот гол, за веднаш после него и Михајловски да бие во пречката од голот на Ринија. Следуваше и пенал за Вардар, откако еден од противничките играчи играше со рака во голманскиот простор, па судијата оправдано покажа на белата точка. Сепак пеналот не успева да го реализира Коловски, кој шутира ниско по земја покрај долниот десен голмански агол. Сепак од истово место не греши Сековски, откако противникот направи три корни, по што беше досуден нов казнен удар. Истиот го реализира Дарко Сековски, за предност од 4:0. До крајот на мечот за одбележување се уште два гола за избраниците на Сашо Јанев и тоа дело на Сековски и Коловски. Најпрво Стефан Коловски асистира до Сековски, овој погодува за предност од 5:0, за во следната акција со асистенција да врати Сековски, за Коловски да постигне гол и да зголеми на 6:0. Овој резултат на крајот се покажа и како конечен овој меч.
Интересен натпревар одиграа и Вардар (2) и Форца, меч кој го доби противникот со убедлива победа од 1:5, иако конечниот резултат можеби не е најреален исход по она што се случуваше на теренот. Избраниците на Сашо Јанев имаа свои стопроцентни шанси и тоа кога резултатот беше се уште не отворен, но кои не успеавме за жал да ги искористиме. Форца прва се закани на овој меч, но на место беше нашиот голман, Максим Краљевски кој го одбрани ударот. Михаил Танчев пропушти голема прилика да го доведе Вардар во водство, откако се ослободи од противничкиот голман, но не успеа да го погоди празникот гол на Форца. Уште една голема прилика имаше Вардар, но од гол линијата исфрла еден од играчите на противникот и спасува негатива за својот тим. Како вели фудбалското правило кога не ги користиш шансите, следува казна на спротивната страна, Вардар направи три корни, па беше досуден пенал, кој го реализира поранешниот вардарец, Давид Голубов за водство од 0:1. Голема шанса за зголемување на резултатот имаше и Мухамед, но Краљевски успешно одбрани. По првиот дел резултатот беше 0:1.
На стартот на второто полувреме нов гол во мрежата на Вардар и повторно дело на Давид Голубов, кој го зголеми резултатот на 0:2 Имавме можност да го намалиме резултатот и да се вратиме во игра. Танчев се најде во нови прилики, најпрво шутираше покрај голот, за во следниот обид голманот на Форца да му влезе во ударот и да спречи погодок. Полека се кршеше резултатот, кога Голубов постигна хет-трик и донесе предност на својот тим од 0:3, по што полека се наѕираше победникот на овој натпревар. Немавме среќа да постигнеме гол, Олег Трифуновски имаше можност, но ја погоди само пречката. Откако направивме три корни, нов пенал беше досуден за Форца, а истиот го реализира Голубов, кој го постигна својот четврти гол на мечот а резултат од 0:4. Момчето кој е во роднински врски со Елиф Елмас и настапува за Форца, Мухамед денес одигра одличен меч и со неговиот гол, Форца зголеми на 0:5. Голманот на Вардар, Максим Краљевски спаси поголема негатива, кога успеа да одбрани пенал, а за почесен гол на црвено-црните се погрижи Олег Трифуновски, кој го намали резултатот на 1:5. Со својот втор гол од игра денес и тоа со силен удар кој заврши во долниот агол, а вкупно петти на мечот, Давид Голубов ги постави конечните 1:6 на овој натпревар од детската лига, кај генерацијата родени “2006“ година.