Пионерите на ФК Вардар го добија дербито со екипата на Шкупи. Денес на теренот на Академијата во рамките на првото пролетно коло, црвено-црните славеа минимално со резултат 1:0.
Тренерот Кралевски се одлучи за следниве 11-сетмина: Величковски, Асани, Костовски, Величковиќ, Петејчук, Гугуљанов, Трајановски, Хасани, Речица, Салиу, Омерагиќ (c).
Во првиот дел не водивме некоја посериозна шанса за отварање на резултатот, додека екипата на Шкупи немаше ниту еден директен удар кон нашиот гол. При една нафрлена топка на Костовски, во противничкиот шеснаесетник, Омерагиќ со глава ја зафати, биеше, но одбрани противничкиот голман. Се обиде и Гугуљанов од некаде 25.метри кој биеше над голот на Шкупи. Можеби најдобрата шанса за отварање на резултатот ја имаше Фисник Салиу, кој при една мешаница во противничкиот шеснаесетник биеше од непосредна близина, високо над голот. По првите 45 минути резултатот е 0:0.
На стартот на второто полувреме беа направени две измени во нашиот состав. Играта ја напуштија Костовски и Трајановски, на нивно место влегоа Игнатов и Ѓурковски. Токму Игнатов го имаше првиот директен удар во вторите 45 минути, но одбрани голманот на Шкупи. Ибраниците на Кралевски имаа најголем дел од играта во второто полувреме, создадоа неколку шанси, од кои една ја претворија во погодок. Обиди имаа Салиу и Речица, кои шутираа покрај голот.
Трета измена во нашите редови, на теренот е Фазлиу, кој го замени Салиу. Во прилика се најде и Александар Ѓурковски кој бие со глава, но без проблеми за голманот на Шкупи. Црвено-црните атакуваа на голот, од прекин се обиде и Игнатов, како и Омерагиќ при една мешаница во противничкиот шеснаесетник, но резултатот остана непроменет.
Конечно успеавме да погодиме и тоа со удар од белата точка, најпрво во противничкиот шеснаесетник соборен беше Асани, по што судијата оправдано покажа на беата точка. Сигурен реализатор беше Леонид Игнатов, кој погоди за 1:0 До крајот на мечот можевме да го зголемиме резултатот, но Омерагиќ не успеа да погоди.
Ова беше деветта победа за пионерите на ФК Вардар, со која се одлепивме на пет бода повеќе од екипата на Академија Пандев, а два од тимот на Работнички.