Денес со почеток од 13:30 часот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ ќе се одигра големото финале во Kупот на Македонија кај помладите пионери, помеѓу екипите на Вардар и Академија Пандев.
Избраниците на Филип Деспотовски имаат шанса за двојна круна, со оглед дека освоија прво место и во помладата-пионерска лига, па финалето во купот е одлична прилика за црвено-црните да освојат уште еден трофеј. Оваа сезона двете екипи одиграа три меѓусебни дуели, два меча завршија со нерешен резултат, додека една победа му припадна на Вардар. Одигравме и еден дуел во рамките на турнирот „Пандев Куп“ кој исто така заврши без победник.
Вардар и Академија Пандев трета година по ред играат меѓусебни мечеви во националниот куп. Пред две години овие генерации се сретнаа исто така во големото финале на купот, кое тогаш се одигра на стадионот „Борис Трајковски“ во населбата Маџари, кое го доби Вардар со резултат 3:1, сезона во која беше предводен од Томче Трајановски. Стартери за нашиот состав во тоа финале беа: Стојковски, Сељанац, Мирков, Ѓорѓоски, Давидовски и Јовановски, а истиве играчи треба да истрчаат на терен и во денешното финале.
Веќе следната натпреварувачка сезона двете екипи се сретнаа во полуфиналето на Купот, на двомеч во кој поуспешен се покажа тимот од Струмица, а црвено-црните на клупата за тренер го имаа Горан Петрески. Без голови заврши првиот меч во Струмица, но Вардар беше поразен на реваншот кој се одигра на теренот на Академијата (1:2) и на тој начин ги загуби шансите да го одбрани купот.
Сега, оваа генерација на Вардар има можност повторно да го врати трофејот од купот во своите витрини, а за да се случи тоа денес ќе мора да се покажеме како подобра екипа од противникот. Стрим од големото финале, можете да проследите на линкот, ТУКА.