Во периодот од 6-11-ти јуни, помладите пионери на ФК Вардар ќе бидат дел од силен меѓународен “турнир на пријателство“, кој ќе се игра во Блејина. Вкупно ќе учествуваат 16 екипи, кои ќе бидат поделени во 4 групи. Веќе се познати противниците на нашите млади надежи, а тие ќе бидат дел од групата Д, каде ќе настапат екипите на Војводина, Осијек и Сарајево.
Избраниците на Сашо Јанев, турнирот ќе го отворат со натпревар против екипата на Војводина, во рамките на првото коло од групата Д. Противник во второто коло ќе ни биде екипата на Сарајево, за групната фаза да ја комплетираме против екипата на Осијек. Само првопласираните екипи од сите четири групи, ќе имаат можност да играат во полуфиналето на турнирот, кое е закажано за 10-ти јуни, додека 9-ти јуни ќе биде слободен за екипите кои ќе продолжат понатаму. Големото финале и затварање на турнирот е на 11-ти јуни.
Минатата година дел од истиов турнир, беше една година повозрасната генерација, односно пионерите на ФК Вардар, кои на три натпревари забележаа два порази и еден нерешен резултат. Овој турнир не е непознат за тренерот Сашо Јанев, кој пред три години со генерацијата родени “2000“ година за малку не успеа да се пласира во полуфиналето, кога во решавачкиот натпревар одигра нерешено со екипата на Црвена Ѕвезда. Дел од оваа генерација на Вардар тогаш беа Дарко Чурлинов, кој моментално настапува за екипата на Келн (У 19) и кој забележа деби настап за сениорската репрезентација на Македонија со само 16 наполнети години, како и Марко Ѓорѓиевски, кој повеќе не е дел од екипата на Вардар.
Очекуваме добро издание на Вардарци и добро претставување на клубот, надвор од Македонија.