Thursday ,18 April 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-16 > Пом. пионери го победија Металург и станаа есенски шампиони
Пом. пионери го победија Металург и станаа есенски шампиони

Пом. пионери го победија Металург и станаа есенски шампиони

Помладите пионери на успешен начин се вратија на победничките патеки, после непријатниот пораз во 1/4 на националниот куп. Во дербито на колото, оваа генерација која е најуспешна во лигата, го победи Металург со резултат 1:0. Стрелец на единствениот погодок беше Ибрахим Ариф во 80 минута. На две кола до крајот на есенскиот дел, црвено-црните го обезбедија приматот есенски шампион.

Избраниците на Сашо Јанев психички се вратија на настапите во првенството, каде се единствената непоразена Вардарова генерација. Значењето на овој дуел и трите бода беше големо, бидејќи со триумф ќе дојдевме до есенски прваци. Тоа добро го сфатиле во претходните неколку дена нашите надежи, па со сите сили денес тргнаа на овој дуел. Мечот се одвиваше борбено на двете страни, иако двете екипи имаа неколку шанси за да го отворат резултатот. Јунак на овој дуел, беше нашиот голман Матеј Андов кој успеа да одбрани добри зицер шанси на противникот од Железара. Во првиот дел стрелецот на погодокот Ибрахим Ариф имаше шанса да постигне гол, но противничкиот чувар на мрежата не дозволи такво нешто. Така на одмор се замина со почетните 0:0. Едно полувреме се игра по 40 минути.

Вториот дел започна некако дефанзивно од двете страни, влогот беше голем, за тоа кој ќе освои цел плен. Играта се одвиваше на средината на теренот, црвено-црните умешно чекаа кикс на Металург за да изненади од контра-напад. Во таква шанса се најде Мартин Спировски кој за малку ќе го отвореше резултатот. Металург повторно се закани, но Матеј Андов беше на вистинското место. Како одминуваа минутите, така се ближеше крајот, двете екипи како да се помирија со нерешениот исход и поделба на бодовите. За да не дојде до таков исход, се погрижи најдобриот стрелец на Вардар Ибрахим Ариф кој на две минути пред крајот постигна прекрасен гол од слободен удар. Далечината беше некаде околу 20 метри, а голгетерот успешно ја пласираше топката во мрежата на Металург. Така пом. пионери ја остварија осмата последователна победа во првенството и теоретски го обезбедија приматот есенски шампион.

Оваа најмлада Вардарова генерација е најпријатното изненадување оваа сезона. Пулените на Сашо Јанев играат одличен тактички фудбал, на кој противниците не можат да најдат одговор. Единствено Работнички успеаа да им одземе бод, уште во првото коло на лигата. Од тогаш нашите надежи нанижаа осум победи.