Македонската фудбалска репрезентација до 19 години претрпе висок пораз на првиот контролен дуел од соодветната селекција на Грузија.
На натпреварот кој се одигра денес на тренинг центарот „Петар Милошевски“ славеше селекцијата на Грузија, убедливо со резултат 1:5. Грузија прва го отвори резултатот, за Македонија преку пенал да израмни на 1:1, но и тука застанавме. До крајот на првото полувреме, противникот најпрво постигна два гола, па уште толку во вториот дел.
За овие дуели, селекторот на Македонија, Горан Станиќ нема да смета на напаѓачите, Џемал Ибиши ( Вардар) и Давид Тошевски ( Работнички), кои не добија дозвола за настап на овие контролни дуели, со оглед дека во сабота се игра градското дерби во ПМФЛ, меѓу овие два тима.
Во стартниот состав денес се најдоа Матеј Андов, Бојан Димоски и Александар Ѓурковски, додека на клупата беше Кристијан Китановски.
ФОТО: Sportmedia.mk