Wednesday ,24 April 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-17 > „Студен туш“ за вардаровите пионери, Акад.Пандев ги однесе бодовите од Скопје
„Студен туш“ за вардаровите пионери, Акад.Пандев ги однесе бодовите од Скопје

„Студен туш“ за вардаровите пионери, Акад.Пандев ги однесе бодовите од Скопје

Лош натпревар за вардаровите пионери, кои денес на теренот на Академијата во рамките на 9.првенствено коло беа поразени од екипата на Академија Пандев (2:4). Со овој пораз, Вардар го загуби лидерското место во лигата, токму од екипата на Академија Пандев која после одигрување на ова коло ќе има еден бод повеќе од Вардар.

Тренерот Стефановски стартуваше со следните 11-сетмина: Стојковски, Трпезановски, Сељанац, Ѓоргоски, Јовановски, Давидовски (c), Ѓорѓиевски, Стојчевски, Живков, Мирков, Стојановски.

Гледавме тензично прво полувреме, во кое беа постигнати три гола, еден промашен пенал и црвен картон кој беше доделен на играч од гостинската екипа. Капитенот на Вардар, Петар Давидовски уште во првите минути од мечот ја имаше првата голема прилика да го отвори резултатот, после нафрлена топка од корнер, во противничкиот шеснаесетник највисок со глава беше Давидовски, кој ја погоди пречката од голот на струмичани. Стојановски се најде во прилика, кога после една акција, Мирков додаде до Гео, овој бие од прва крај голот на противникот. Академија Пандев успева набрзина да постигне два гола и тоа од слободен удар, на два пати беше совладан нашиот голман, Стојковски. Двата удари завршија во левиот голмански агол, и тоа во интервал од три минути, противникот од Струмица стигна до солидно водство од 0:2. Нашите пионери продолжија со офанзивната игра, додека Пандев се повлече на својата половина. Беше тешко да се вратиме во мечот, со оглед дека примивме два брзи гола од слободен удар. Јовановски Дарио имаше прилика, кога со „ножички“ се обиде, но топката оди над голот, сепак добар потег на вардаровиот играч. Откако Мирков беше соборен во противничкиот шеснаесетник, главниот судија покажа на белата точка, по што се крена „прашина“ на овој натпревар. Тренерскиот тандем на гостите остро реагираше на оваа одлука, по што помошниот тренер на А.Пандев доби црвен картон и мораше да ја напушти играта. Цели пет минути се чекаше да биде изведен казнениот удар, кој за жал не успеа да го реализира Стојановски, нашиот напаѓач силно биеше во пречката од голот на гостите, па резултатот остана 0:2. Голема прилика имавме и преку Живков, се играше акција од десната страна, Гео додаде до Живков, овој од неколку метри не успева да погодои. Во последните минути од првиот дел, конечно погодуваме, после нафрлена топка од корнер, највисок во скокот беше Георг Стојановски кој со глава погоди за 1:2, резултат со кој се замина на полувреме.

По само две минути игра во второто полувреме, Вардар успева да постигне втор гол и да го израмни резултатот на 2:2, откако противничката мрежа ја затресе Антонио Мирков. Наместо да нападнеме за предност, Академија Пандев повторно се врати во мечот. Несфатлива лоша игра на вардарци во дефанзивната линија, каде за само две минути примија два погодои, па гостинскиот тим повторно се одлепи на два гола разлика (2:4). Иако беа со играч помалку на теренот, струмичани одиграа одлично и тактички добро, па на крајот и заслужено се радуваа на победата. Направивме и две измени, со внесувањето на Тасевски и Марковски.  Брзите два примени гола ги демотивираше вардарци, кои до крајот на мечот немаа ниту една сериозна прилика за погодок. На крајот триумф за Академија Пандев со резултат 2:4.

Ова беше втор пораз за вардарци и повторно во дерби дуел, откако првиот неуспех го имавме против екипата на Работнички. После ова коло, Акад.Пандев е нов лидер во пионерската супер лига.