На натпревар со дури девет голови, пионерите на ФК Вардар загубија во дербито од екипата на Работнички. На теренот на Академијата, нашите млади надежи на крајот беа поразени со резултат 4:5.
Тренерот Тодоровски го започна дуелот со следниве 11-сетмина: Апостоловски, Љушев (К), Милошевски, Стојановски, Јаневски, Каровски, Хајдари, Попов, Перковски, Здравковски, Ибраим
Пред да го отвориме резултатот имавме обиди преку Здравковски кој шутира крај голот, како и Ибраим кој имаше обид со глава, но резултатот не се промени. Во шанса се најде и Љушев чиј удар го брани голманот на Работнички. Имавме иницијатива и поголем посед на топка, обидувајќи се да стигнеме до посериозна прилика. Вардар успеа да го отвори резултатот со голот на Горазд Попов во 19.минута кој погоди со глава после нафрлена топка во противничкиот шеснаесетник од страна на Стојановски. Попов се најде на вистинското место, биеше прецизно со глава за наша предност од 1:0. Сепак нашата радост не траеше долго време. После едно невнимание во нашата одбрана, наместо да ја исфрлиме топката дозволивме, противничкиот играч да се најде во ситуација да погоди и да го израмни резултатот на 1:1 во 24 минута од натпреварот.
Имавме прилика да ја вратиме предноста, кога после удар на Стојановски Стефан, одбрани голманот, топката се одби до Милошевски кој од непосредна близина не успева да погоди. Во последните минути од првото полувреме имавме шанса преку Левент Ибраим кој бие со глава на нафрлена топка од Здравковски, но одбрани голманот на Работнички, па на одмор се замина со резултат 1:1.
Во вториот дел од дуелот видовме „дожд“ од голови. По само две минути игра екипата на Работнички успеа да постигне гол и да го сврти резултатот во своја корист (1:2). Во 55.минута од дуелот, градскиот ривал по трет пат затресе нашата мрежа за водство од 1:3. Иако во тие моменти противникот беше и во резултатска и психичка предност, момците на Рап-Тап не се откажаа од помислата да освојат бодови. В0 61 минута, од десната страна топка во противничкиот шеснаесетник нафрли Каровски, на вистинското место се најде Левент Ибраим кој погоди за намалување на 2:3. По само пет минути игра видовме и евро гол на Теодор Перковски кој од голема далечина го матираше протоивничкиот голман и израмни на 3:3.
Наместо да се бориме за победа, дозволивме лесно да го испуштиме овој резултат. Денес нашиот тим на чело со голманот немаа свој ден. Во 76 и 80 минута гостинот со два брзи голови поведе и со 3:5, додека во 84 минута за поразот да биде ублажен се погрижи нововлезениот Лука Ивановски.
Во игра кај Вардар влегоа уште и Никола Анчевски, Лука Ивановски и Андреј Петровски. Ова беше втор последователен пораз за вардарци сезонава, откако во претходното коло беа поразени и од Шкендија, додека имаат уште и две победи.