Saturday ,02 November 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-18 > Кадетите и младинците поразени на натпреварите со екипата на Пелистер
Кадетите и младинците поразени на натпреварите со екипата на Пелистер

Кадетите и младинците поразени на натпреварите со екипата на Пелистер

Денес во Битола своите натпревари од 23.коло ги одиграа кадетите и младинците на ФК Вардар кои гостуваа кај екипата на Пелистер. За жал, на двата натпревари останавме без бодови.

Вардаровите кадети иако имаа предност по првото полувреме, сепак на крајот го загубија натпреварот со резултат 2:1. Филип Јовановски беше играчот кој во 42 минута постигна гол и му донесе водство на Вардар од 0:1, резултат кој беше актуелен на полувреме. На голот претходеше акција во која Пелистер креираше игра на средината на теренот, но Алексоски вешто ја одзема додаде до Јовановски кој од околу 20.метри успеа да го совлада гостинскиот голман. Сепак во вториот дел во краток интервал, домашната екипа успеа да постигне два гола. Во 75 минута Сиљаноски го израмни резултатот на 1:1, додека во 79 минута конечните 2:1 ги постави Стојковски. Црвено-црните можат да жалат на овој натпревар што не стигнаа барем до бод, со оглед дека Филип Јовановски во два наврати од слободен удар ја погодуваше пречката од противничкиот гол.

Вардар: Никола Филевски, Андреј Петровски, Кристијан Таневски (К), Филип Јовановски, Лука Ивановски, Андреј Алексоски, Филип Блажевски, Мартин Славев, Дамјан Цикарски, Драган Трајковски и Лука Недељковиќ.

Играа уште и Кирил Димовски, Леонид Миноски, Бојан Тренкоски, Матеј Стојанов и Дамјан Крстевски. 

Младинците на Вардар останаа без бодови на гостувањето во Битола и на тој начин се одалечија од освојување на Шампионската титула. Пелистер го доби натпреварот со 2:1, а по првото полувреме имаше водство од 2:0, со голови во 5 минута на Богданоски и во 33 минута на Торнески. Избраниците на Илиевски-Мичка имаа свои шанси во овој дел од натпреварот, но не успеаа да реализираат. Како најзрели ќе ги издвоиме онаа на Величковски, кој биеше со волеј удар но одбрани голманот, откако претходно центрираше Симеон Здравковски, додека шанса имаше и Марко Стојилевски со глава после изведен корнер, но Вардар не успеа во овој дел од мечот да ја затресе домашната мрежа.

Во вториот дел после асистенција од Дошев, во голема прилика насамо со голманот се најде Огнен Здравковски, но денес битолскиот голман беше најзаслужен што неговиот тим успеа да победи. Вардар успеа да намали во 87 минута преку Никола Величковски кој во шеснаесетникот доби топка од Дошев, биеше прецизно за намалување на 2:1, но беше предоцна за нешто повеќе. На крајот Пелистер ги освои сите три бода.

Вардар: Гоце Јовчев (К), Симеон Здравковски, Давор Серафимов, Христијан Гроздановски, Марко Стојилевски, Огнен Здравковски, Ѓорѓи Дошев, Никола Величковски, Славче Живков, Стефан Стојановски и Горјан Цветков.

Играа и Сандро Каровски, Мартин Илиевски и Левент Ибраим.