Wednesday ,08 May 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-16 > Последно есенско коло во првенството на младинските фудбалски категории, Ренова е противникот на Вардар
Последно есенско коло во првенството на младинските фудбалски категории, Ренова е противникот на Вардар

Последно есенско коло во првенството на младинските фудбалски категории, Ренова е противникот на Вардар

Во сабота и недела ќе се одигра последното есенско коло во првенството на младинските фудбалски категории. Последен противник во овој дел од сезоната за Вардарци е екипата на Ренова. Пионерските екипи во недела ќе гостуваат во Тетово, додека кадетите и младинците се домаќини.

Помладите пионери на последните два натпревари покажаа дека полека се враќаат во потребната форма, со големи шанси да триумфираат во ова последно есенско коло, кој би им дал надеж дека можат во пролетниот дел да влезат во борбата за титулата. Двата меча од минатата сезона со овој противник ги добивме во наша корист. На гостувањето во Тетово, минатата година славевме минимално со 0:1 со голот на Виктор Петкоски, додека на домашен терен победивме со 3:1. Ренова е “закована“ на дното на табелата, со само еден освоен бод. Мечот се игра во недела со почеток од 10 часот.

Пласманот во полуфиналето од купот на Вардаровите пионери им даде поголема самодоверба во пресрет на последното есенско коло. Оваа генерација предводена од Сашо Тодоровски го загуби лидерското место на табелата доживувајќи два порази во серија, од кои последниот беше против директиниот конкурент за титулата. Сепак екипата се “дигна“ од тие порази и во средата дури по изведувањето на удари од белата точка ја елиминираше екипата на Шкендија. Интересно е дека минатата сезона на истиот терен каде ќе се одигра неделениот меч, Ренова ги освои трите бода совладувајќи го Вардар со резултат 2:0 и на тој начин го загубивме првото место во есенскиот дел од сезоната. Но кога беше најпотребно и се одлучуваше шампионот, нашите надежи славеа убедливо со резултат 7:1. Во оваа категорија, Ренова е исто така на последното место со само една победа од десет одиграни натпревари. Дуелот ќе се одигра во недела од 12 часот.

Кадетите имаат убава можност со победа го заокружат есенскиот дел од сезоната. Избраниците на Влатко Колев освоија многу важни бодови во минатото коло против екипата на Шкупи и во одлично расположение ќе го дочекаат овој натпревар со Ренова. Ова ќе биде дерби меч во оваа генерација, со оглед дека Ренова се наоѓа едно место подоле на табелата од Вардар. Сепак домашниот терен и квалитетот е на страната на црвено-црните кои треба да го оправдаат и на теренот во населбата Јане Сандански, во сабота со почеток од 10 часот. Минатата сезона убедливо го добивме домашниот дуел со резултат 4:0, додека загубивме на гостувањето во Тетово со 2:1.

Младинците на Вардар ќе се обидат брзо да го преболат поразот од Шкупи, кој беше нивни прв оваа сезона и со триумф во последното есенско коло да го заверат приматот на шампион по првиот дел од сезоната.Двата дуели од минатата сезона ги добивме минимално со резултат 2:1 и 0:1. Ренова е деветопласирана на табелата и противник со кој се сретнавме во четвртфиналето од купот на Македонија. Тука немавме поголеми проблеми и славевме на двата меча. Така се очекува да биде и во сабота од 12 часот.