Во сабота со почеток од 17:30 часот во спортскиот центар Јане Сандански, екипата на РК Вардар ќе одигра натпревар од шесттото коло во лигата на шампиони. Во Скопје ќе гостува европскиот шампион, екипата на Киелце, мотив повеќе за нашиот состав да стигне до победа. Двете екипи во претходното коло ги доживеаа своите први порази во најсилната група Б, но останаа на првите две места на табелата. Тие се најголеми претеденти и за освојување на овие две позиции на крајот од групата, па побеникот од овој дуел може да направи голем исчекор кон зацртаната цел. Киелце располага со квалитетна екипа и доста искусни играчи, а еден од нив е сигурно Словенскиот репрезентативец и организатор на играта, Урош Зорман кој за нашиот сајт и фанови ги сподели очекувањата за саботниот натпревар.
-Мислам дека Вардар е фаворит на овој натпревар бидејќи игра на домашен терен пред својата публика. Оваа сезона направи одличен тим, на сите позиции располага со најмалку двајца квалитетни играчи. Знаеме како поминавме во Скопје на натпреварот одигран минатата сезона и свесни сме дека и сега ќе биде тешко да се стигне до бодови. Спортски е да дадеш максиум од себе, па ќе видиме што можеме да направиме.
Мечот Вардар-Киелце е прогласен за натпревар на колото во лигата на шампиони.
-Сепак сме европски шампиони и не треба да се плашиме од никој противник. Ова е дерби не само во нашата група, туку и на викендот во лигата на шампиони, па мали нијанси можат да го одлучат победникот на овој натпревар, истакна Урош Зорман.
Звонко Ивановски