В недела ќе биде одиграно второто пролетно коло во ПМФЛ. Во него, лидерот на табелата и шампион на Македонија, ќе ја пречека тетовска Шкендија, која и оваа сезона е главен и единствен конкурент на нашиот “црвено – црн” тим за освојување на шампионската титула.
Вардарци можат да се пофалат со позитивен биланс против овој тим. “Црвено – црните” на последните четири натпревари против овој тим немаат ниту еден пораз, односно се радувале на три победи и еднаш ремизирале. Последен пат овие два тима се сретнаа на 23.10 минатата година во Тетово. На тој натпревар нашиот тим победи со резултат 2:0 со головите на Спировски и Глигоров. Доколку не се сметаат натпреварите од Купот, последен пат тимот од Тетово на прволигашки натпревар Вардар го победил на 12.05.2015 година со резултат 1:0.
Се надеваме дека победничката низа на вардарци ќе продолжи и на овој натпревар. Доколку нашиот тим го добие овој дерби дуел ќе побегне на седум бодови предност.