На денешен ден пред точно една година, на арената “Филип Втори“, Вардар на првиот дуел во рамките на првиот плејоф натпревар од Лигата на Европа успеа да ја победи екипата на Фенербахче и да си го отвори патот до групната фаза.
Црвено-црните тој прв меч во Скопје го добија со резултат од 2:0. По првото полувреме имавме водство од 1:0, кога резултатот го отвори Тигран Барсегјан, додека во судиското продолжение од вториот дел, по едно невнимание, противникот успеа да си постигне авто гол, што значеше и предност за Вардар од 2:0, резултат со кој заврши овој прв меч. И на реваншот во Турција, Вардар покажа дека овој резултат не бил случајност, па успеа по втор пат да го победи турскиот великан, со резултат 1:2 и на тој начин да обезбеди историски пласман во групната фаза од Лигата на Европа и на тој начин да стане првиот македонски клуб на кој му успеало ваков подвиг.
Да се потсетиме на триумфот во Скопје, пред точно една година.