Пред нас е 15 коло во првенството на младинските фудбалски категории. Во саботата Вардаровите екипи одиграа мечеви со Победа од Прилеп и забележаа три победи и еден пораз.
Помладите пионери стигнаа до третата победа во пролетниот дел од сезоната, откако триумфираа на гостувањето во Прилеп. Полека но сигурно оваа генерација предводена од Сашо Јанев го фаќа потребниот ритам. Со два погодоци на Марио Спировски и еден на Марио Илиевски, црвено-црните со три бода заминаа од ова гостување. Со оваа победа се искачивме на петтата позиција на табелата со 26 освоени бодови, или шест помалку од екипата на Работнички која е првопласирана.
Неверојатен пад во играта на нашите пионери кои повторно загубија натпревар во рамките на лигата. Избраниците на Сашо Тодорвски неможат да се пронајдат во пролетниот дел и го претрпеа третиот пораз во пролетниот дел, вкупно петти. Тие загубија и на гостувањето против Победа, минимално со резултат 1:0. Сега разликата помеѓу Вардар и Шкупи е недостижна и изнесува десет бода повеќе во корист на екипата од Чаир. Само да потсетиме на три кола пред крајот на пролетниот дел, Вардарци беа во многу подобра позиција во однос на нивниот најголем конкурент, кога предноста на Вардар изнесуваше пет бодови. Сега е многу пообратна ситацуијата. Една од причините за слабите игри е прекомандувањето на Јакуп Бериша во кадетскиот состав на црвено-црните. За пионерите останува борбата за трофејот од купот, каде се пласиравме во полуфиналето.
Кадетите се вратија на победите во лигата и беа сигурни на домашен терен во дуелот со Победа. Александар Трајчевски донесе три бода за екипата и продолжување на борбата за титулата. Триумфот можеше да биде многу поубедлив, ако искористивме барем половина од шансите. Нема промени на табелата по одигрување на ова коло. Лидер останува Работнички со четири бода повече од второпласираниот Вардар, додека третото место е за Академија Пандев.
Триумф и за младинците на Вардар кои убедливо со 3:0 ја совладаа Победа на теренот во населбата Јане Сандански. Победникот беше решен по првите 45 минути кога со два гола на Виктор Димков и еден на Бојан Колевски го осигуравме триумфот. Игравме доволно колку што е потребно за освојување на нови бодови. Тука две екипи веќе се издвоија пред сите останати за титулата. Вардар и Шкендија имаат по 38 бодови, додека А.Пандев заостанува со 24 на третата позиција.