Изминатиов викенд се одигра 5 коло во првенството на младинските фудбалски категории. Вардар се сретна со екипата на Академија Пандев, против која забележавме две победи, еден нерешен резултат и еден пораз.
После три последователни победи на стартот од сезоната, помладите пионери и втор меч во серија не можат да стигнат до триумф. Избраниците на Филип Деспотовски на домашен терен не успеаа да го пробијат “бункерот„ на струмичани и да стигнат до трите бодови. Со оглед дека имавме само една стопроцентна шанса и тоа онаа кога Антонио Мирков од слобоен удар ја погоди пречката, остатокот од мечот помина без поголеми возбудувања. Академија Пандев знаеше што сака од овој дуел и на крајот успеа да освои еден бод. Неиграњето на капитенот Давидовски и Алими се одрази на нашата игра, но тоа никако не смееше да биде причина за вардарци да стигнат до победа.
Пионерите полека но сигурно го фаќаат потребниот победнички ритам. Победата против врсниците од Академија Пандев беше втора во низа за избраниците на Игор Кралевски, вкупно трета во петте одиграни натпревари оваа сезона. Заслужена победа која беше изразена со еден гол, иако Вардар можеше да постигне барем уште еден погодок во противничката мрежа. Сепак целта од овој меч беше остварена, а А.Пандев важи за многу цврста и борбена екипа, па сигурно дека не беше лесно да се освојат бодовите. После овој триумф се искачивме на првото место на табелата.
Кадетите за краток период нанижаа три порази во серија, навестувајќи дека нема да бидат конкурентни за титулата оваа сезона. Нов пораз и тоа на гостувањето во Струмица од екипата на Академија Пандев со резултат 2:0. Со оглед дека тренерот Таневски има проблеми да го “скрпи„ составот на секој меч, не се можеби и изненадувачки трите последователни порази. Се надеваме дека оваа лоша серија ќе прекине и дека оваа генерација ќе слави на следниот домашен меч.
Младинците на Вардар држат чекор со конкурентите за титулата и стигнаа до четвртата првенствена победа. Иако имаа негатива во дуелот со А.Пандев, момците на Ане Андовски покажаа карактер правејќи резултатски пресврт за на крајот да славиме со резултат 1:3. Добивме уште еден дерби натпревар, после тој со Работнички, а овој саботниот добива на тежина со оглед дека го игравме на гостински терен, каде тешко е да се освојат бодови.