Конечно завршува зимската пауза во македонскиот прволигашки фудбал, и тоа уште викендов тргнува втората етапа од првенството. На програмата е првото пролетно коло или 19.коло во сезоната 2016/2017 година. Црвено-црните играат во првиот меч дома на “Телеком арената“ со скопскиот ривал екипата на ФК Слога од населбата Чаир.
Мечот е закажан со почеток во 14-00 часот. Од истиот ќе може да се следи директен пренос на телевизија “Сител“ на нејзиниот сателитски канал “Сител три“. Поради казна од есенскиот дел која завршува по ова коло, играчите на ФК Вардар нема да имаат поддршка од трибините на овој дуел. Вардар тргнува од лидерската позиција со 41 бод, четири повеќе од тетовска Шкендија која е втора со 37 бода и е единствен наш ривал за пехарот. Гостите од Чаир по одиграни 18.кола се седми со 16 бода. Во оваа сезона со чаирчани се сретнавме двапати, дома и нагости со нив одигравме нерешени мечеви. Ова ни е прилика за прва победа над сино-белите во оваа сезона во првата македонска фудбалска лига.