Friday ,26 April 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-16 > Градско фудбалско дерби во 23. коло кај младинските категории
Градско фудбалско дерби во 23. коло кај младинските категории

Градско фудбалско дерби во 23. коло кај младинските категории

Полека се ближи крајот на сезоната во првенството на младинските фудбалски категори, а во петок и сабота на програмата е 23.коло, во кое за противник ја имаме екипата на Работнички. Пионерските екипи во сабота гостуваат на теренот на Алумина во термините од 09:00 и 11:00 часот, додека кадетите и младинците во петок се домаќини на градскиот ривал, на теренот во населбата Јане Сандански, со почеток од 10:00 и 12:00 часот.

Помладите пионери моментално се најблиску до освојување на шампионската титула од сите четири генерации на Вардар, па евентуална победа во градското дерби ќе значи и предвремено славје за избраниците на Филип Деспотовски. Мора да се пофали оваа генерација која на последните 12 натпревари во првенството и 2 во купот, забележа 14 победи, па нема да биде чудно ако вардарци продолжат со победничката серија и до крајот на сезоната. Предноста од девет бодови пред второпласираниот тим на Победа им дава можност на нашите помлади пионери да играат без притисок, не само на ова дерби со Работнички, туку и во последните пет кола, иако не се сомневаме дека вардарци ќе одат на победи и на преостанатите дуели. Вардар и Работнички одиграа веќе два натпревари оваа сезона во рамките на помладата пионерска супер лига и по еден триумф им припадна на двата тима. На истиов терен каде во сабота ќе се одигра дуелот, противникот славеше минимално со резултат 1:0, додека Вардар врати на домашен терен, каде победи со резултат 2:1. Овие екипи се сретнаа и во осминафиналето на купот, каде поуспешен беше Вардар, славејќи триумф со резултат 2:1.

Пионерите наместо да влезат во мирна завршница, дозволија на домашен терен да загубат од Ренова, па со тоа си ги искомплицираа работите во борбата за трофејот. Добра околност за избраниците на Кралевски е што и Работнички беше поразен во ова коло од последнопласираниот тим на Македонија Ѓ.П, ако беше спротивно разликата меѓу Вардар и Работнички пред овој дерби дуел ќе беше само три бода разлика. Вардар доколку сака на крајот да ја одбрани титулата ќе мора да победи на овој меч, иако нема да биде лесно, а се надеваме дека и Академија Пандев нема да победи во Штип, кај екипата на Брегалница. Вардаровите пионери многу добро знааат како е да се победува градскиот ривал оваа сезона, со оглед дека на двата меча во лигата, успеавме да славиме со идентичен резултат од 3:1, додека противникот беше посреќен во пенал рулетот, во 1/8 финалето од националниот куп. Напоменавме потребен е триумф на Вардар, доколку сакаме да влеземе во помирна завршница на сезоната.

И во кадетската супер лига има неизвесност околу новиот шампион, но во таа борба го нема Вардар. Оваа генерација се мачи оваа сезона, играше далеку променливо и под водство на Таневски и Петрески, за тоа говори и пласманот на 6.позиција на табелата. Што се однесува до меѓусебните дуели со екипата на Работнички оваа сезона, одигравме вкупно четири натпревари, два во лигата и два во рамките на четврт-финалето од купот. Три победи им припадна на градскиот ривал, додека Вардар славеше само во реваншот од купот, триумф кој се покажа како „пиров“ со оглед дека црвено-црните беа елиминирани од ова натпреварување.

Се поизвесно е дека Шкендија ќе ја одбрани титулата во младинската супер лига, откако на пет кола пред крајот има осум бодови повеќе од Вардар. Нашите младинци шансата за трофеј ќе ја бараат во финалето на купот, каде токму Шкендија е нашиот противник. Вардар оваа сезона има позитивен биланс во дуелите со екипата на Работнички. Истиве екипи се сретнаа и во 1/2 финалето на купот, на двата меча славеше Вардар, а и во лигата не беше ништо поразлично, дуели кои црвено-црните ги добија во своја корист.