Вардар и Црвена Звезда попладнево во Анталија во еден цврст натпревар одиграа само 0:0 (0:0). За пофалби од овој дуел е одбраната на Вардар, која одигра одлично. Нашиот тим на овој дуел настапи без тројца стандардни првотимци, Евгениј Новак, Али Адем и Матеј Цветаноски.
Почетен состав на ВАРДАР: Гачевски, Тошевски, Младеновски, Најдовски, Брдаровски, Жуниор, Димоски, Мицевски, Попзлатанов, Аврамовски и Ибиши. Уште играа и: Колевски, Реџепи, Велковски, Омерагиќ.
Вардар и Црвена Звезда по првиот дел играа 0:0. Ова беше едно полувреме во кое и двете екипи немаа многу шанси, посебно Вардар, кој во финишот се закани на два пати и тоа со непрецизни удари. За одбележување во првиот дел беше 28. минута, кога Вулиќ се обиде со удар од 30-сетина метри, а Гачевски одбрани и изби во корнер. Потоа во 30. минута од нафрлена топка од корнер, Панков упати удар со глава, а Гачевски повторно одбрани. Вардар во 42 и 45 минута се закани преку Мицевски со удари од далечина, кои завршија крајно непрецизно.
Во вториот дел Томане ја имаше првата шанса по корнер со глава, но неговиот удар заврши над голот на Гачевски. Во 60. минута Васоски ги направи првите замени. Во игра влегоа Колевски и Реџепи, на местата на Ибиши и Димоски. Се играше 70. минута, а противникот ја имаше најдобрата шанса за гол. По корнер, Милуновиќ со удар со глава ја погоди само стативата од голот на Гачевски и по среќа на нашиот тим остана 0:0. Како се наближуваше крајот, така Црвена Звезда го зголемуваше притисокот кон голот на Гачевски. Во последните 14. минути од дуелот во игра влезе и Велковски на местото на Брдаровски. Во 80.минута Томане повторно имаше закана со глава, овој пат од нафрлена топка, но само крај голот на Гачевски. Во последните десет минути од дуелот противникот имаше неколку шанси за да дојде до предност и победа, но не ги искористи шансите. Во последните минути од мечот во игра го видовме и Азер Омерагиќ.