Одличен резултат за нашиот шампион, пред реваншот за седум дена во Скопје. Вечерва на стадионот во Никозија двата тима одиграа без победник 0:0. Првиот удар кон еден од головите го имаше домашната екипа, со центар шут од десната страна, но топката заврши во рацете на Пачовски. Вардарци одговорија со две изгледни прилики за постигнување на гол. При еден прекин, топката ја нафрли бразилецот Фелипе, највисок во скокот беше Дарко Велковски но неговиот удар со глава заврши само покрај голот на Кипрјаните. Се играше 12 минута кога црвено-црните започнаа акција, Хамбарѕзумјан упати центар шут, топката стигна до Филип Ивановски. Сепак неговиот удар со глава беше многу слаб, за посериозно да се загрози голот на Апоел.
Во продолжението следуваше блага иницијатива на противникот, но без некаков конкретен обид да се загрози голот на Пачовски. Првиот корнер на натпреварот беше изведен дури во 30 минута, за екипата на Апоел. Во последните 5 минути од првиот дел, Кипарскиот шампион нападна посериозно на нашата половина. Најдобрите шанси да се затресе нашата мрежа, домаќините ја имаа во само две минути редоследно и тоа од корнери. Во двата обиди упатија силни и прецизни удари, но Пачовски одлично интервенираше и спаси чисти погодоци. До крајот на првото полувреме, изведоа дури 6 корнери, додека Вардар ниеден. Жолти картони заработија Глигоров и Ивановски. Првото полувреме заврши без голови 0:0.
Вториот дел започна без некои поголеми возбудувања, се до 53 минута кога нашите дефанзивци имаа неуспешна офсајд замка. На наша среќа, ударот на еден од играчите на Апоел заврши само покрај нашиот гол. Во 61 минута се обидовме од прекин со нафрлена топка на Фелипе, но противничкиот чувар на мрежата ја исфрли од својот шеснаесетник. Веќе во следниот напад се случи најголемата 100% шанса за Апоел. По една акција од десната страна напаѓачот на домаќините сам изби пред голот на Пачовски но повторно нашиот јунак на овој меч, спаси чист погодок.
Следува замена во нашите редови, на местото на Фелипе во игра Дашјан. Продолжи инцијативата на нашата половина, уште еден упатен удар кон нашиот гол, но повторно нашиот голман на место. Играта ја напушта Ивановски, а на негово место влегува Стојков. Првиот корнер Вардар го изведува дури во 79 минута од мечот. Уште една измена во нашите редови, Асани влегува на местото на Блажевски. До крајот на мечот не се случи нешто поинтересно, па натпреварот заврши со почетните 0:0.
Ова е резултат кој ветува и ни дава големи шанси за пласман во следното квалификациско коло. Сега се е во рацете на нашите момци, кои ги очекува преполна арена и голема поддршка.