Младинците на фудбалскиот клуб Вардар ќе ја имаат честа да бидат дел од најголемото натпреварување. За прв пат во историја една младинска екипа ќе има можност да се натпреварува во лигата на шампиони. Во вторник црвено-црните ќе го одиграат првиот натпревар против екипата на Салцбург. Мечот ќе се одигра во градот Гродиг, со почеток од 19:30 часот. Реваншот е закажан за 17-ми октомври на арената “Филип втори“. Ова ќе биде големо искуство за Вардарци и предизвик да се натпреварува во лигата на шампионите. Тренерот Љупчо Марковски веќе го пријави списокот на играчи, на кои ќе смета за овој двомеч од првото коло. Меѓу нив е секако и стандардниот Андреј Ричков, кој игра по десната бековска позиција. Тој за нашиот сајт ги споделува очекувањата од овој прв натпревар, со надеж дека на крајот Вардар ќе биде тимот што ќе се радува на пласман во следното коло.
-Да се биде дел од младинската Лига на шампиони е прекрасно. Атмосферата во тимот е одлична и доста тренираме и се спремаме за мечот со Салцбург. За нас ова е прво и непознато искуство, но тоа нема да не спречи да го покажеме тоа што најдобро го знаеме. Противникот го анализиравме и од видео снимките можам да кажам дека се работи за доста организирана екипа која 90 миниту врши притисок и напаѓа. Ние сме доста охрабрени и ќе одиме во Австрија да покажеме дека противникот е само фаворит на хартија. Ќе дадеме се од себе да извлечеме поволен резултат и со големи шанси да го почнеме реваншот во Скопје. Се надевам дека на крајот ние ќе излеземе како севкупен победник во двомечот со шампионот на Австрија, изјави Андреј Ричков за Вардар Фанс.
Звонко Ивановски