Екипата на Шкупи ќе биде противникот за генерациите на ФК Вардар, во рамките на 23 првенствено коло. Пионерските екипи во недела се домаќини на теренот на Академијата во термините од 09:00 и 11:00 часот, додека кадетите и младинците во сабота од 12:00 и 14:00 часот ќе гостуваат на истиов противник, на теренот во Драчево.
Последните кола ќе немаат никакво резултатско значење за помладите пионери на Вардар, што се однесува до конечниот исход на табелата. Избраниците на Сашо Тодоровски веќе ја осигураа титулата во оваа возрасна генерација, а за нив останува шансата да бидат единствената генерација оваа сезона која нема доживеано пораз. До пред ова коло, нашите надежи имаат 19 победи и 2 нерешени резултати и едно заостанато коло, против екипата на Ренова. Воедно ќе атакуваме и на третиот последователен триумф оваа сезона во дуелите со екипата на Шкупи. Во есенскиот дел на истиов терен убедливо го добивме тимот од Чаир, со резултат 4:0, додека на гостувањето славевме минимално со резултат 0:1. Остана испуштена приликата да стигнеме до двојната титула, откако во полуфиналето бевме елиминирани од екипата на Работнички.
Пионерите после двете последователни победи, на гостувањата против екипите на Академија Пандев и во рамките на купот против Пелистер ќе се обидат да сврзат нов триумф во првенството. Двата меча оваа сезона против Шкупи завршија со нерешен резултат (1:1 на истиов терен и на гостински 0:0). Титулата во првенството е недостижна за избраниците на Петар Ѓорѓиески, но затоа ќе имаат можност за освојување на трофеј во националниот куп, откако во полуфиналето го еилиминиравме тимот на Пелистер.
Кадетите и младинците на Вардар оваа сезона ќе останат без трофеј и во двете натпреварувања. Таму првото место ќе и припадне на екипата на Шкендија, која уште ќе игра и во финалето на младинскиот куп. Што се однесува до меѓусебните дуели оваа сезона со екипата на Шкупи, кадетите и младинците имаат по една победа и пораз. До крајот на сезоната ни останува да освоиме што е можно повеќе бодови и да бидеме вицешампиони во двете возрасни категории.