Екипата на Шкупи е противник за Вардаровите генерации во рамките на претпоследното првенствено коло за оваа натпреварувачка сезона. Кадетите и младинците се домаќини, додека пионерските екипи гостуваат во Чаир во сабота.
Помладите пионери во минатото коло имаа незгоден пораз на домашен терен од екипата на Шкендија, па во последните две кола ќе се обиде да го поправи впечатокот и да освои некој бод повеќе, за пласман погоре на табелата, што е целта на овој натпревар и за двете екипи кои немаат амбиции за титулата. Во есенскиот дел, црвено-црните на домашен терен го совладаа Шкупи, со резултат 3:2. Дуелот со врсниците од Чаир се игра во сабота од 14 часот.
Пионерите ќе ги чуваат силите за финалето во купот на Македонија, каде во среда во Охрид ќе го играат големото финале против екипата на Работнички. Дуелот со Шкупи е само за престиж, бидејќи од поодамна тимот од Чаир се промовира во нов шампион на Македонија. Вардар ќе се обиде да му врати на противникот, за поразот од есенскиот дел, кога дома бевме совладани со резултат 1:3. Натпреварот со Шкупи се игра во сабота, со почеток од 16 часот.
Кадетите имаат три порази на последните три одиграни натпревари во лигата, причина доволна да се вратат на победите е мечот против Шкупи. Ја имаме предноста на домашниот терен, која треба да ја искористиме. Оваа сезона имаме позитивен биланс со тимот од Чаир, кој го исфрливме во четврфиналето на купот и ги совладавме на гостински терен (1:2). Натпреварот е на програмата во сабота од 10 часот.
По поразот во минатото коло од директниот конкурент, екипата на Шкендија, далеку од титулата се и нашите младинци. Во последните две кола ќе чекаме кикс на Шкендија, а ние мора да ги добиеме останатите два натревари, од кои и овој со Шкупи на домашен терен. Во есенскиот дел доживеавме пораз од 1:0. Дуелот се игра утре од 12 часот.