Претстојниов викенд ќе стартува вториот натпреварувачки круг во младинските фудбалски лиги. Противник за младите надежи на Вардар ќе биде тимот на Еуроспорт Куманово.
Вардар важи за фаворит на овие натпревари, се надеваме на добри резултати и освојување на бодови. Помладите пионери на Еуроспорт имаат само еден освоен бод, додека пионерите на кумановчани исто така се заковани на дното на табелата без ниту еден бод, или со 11 порази. Од тука нашите пионерски екипи не би требало да имаат проблеми околу обезбедување на победата. Вардар е лидер во помладата пионерска лига, додека пионерите на Вардар ќе се обидат да ја прекинат серијата од три натпревари без триумф.
Натпреварите на пионерските екипи ќе се одиграат во сабота (03.04) на теренот на Академијата со почеток од 10:00 и 12:00 часот.
Кадетите и младинците на Вардар во недела гостуваат на истиов противник. Кадетите за жал вчера не го искористија киксот на Академија Пандев за да се одлепат со три бода предност на табелата, загубија и вардарци во Прилеп, па на табелата двете екипи имаат еднаков број на освоени бодови. Во кадетската лига, Еуроспорт е на последното место со 9 освоени бодови, додека нивните младинци имаат исто така 9 бодови на 11 одиграни натпревари. Што се однесува до нашиот младински состав, ние ќе се обидеме да стигнеме до прв пролетен триумф сезонава. Термините за недела се 10:00 и 12:00 часот.