Вечерва не очекува ракометен спектакл во С.Ц. Јане Сандански. Вардар го игра првиот 1/8 финален натпревар во Лигата на Шампионите против екипата на Веспрем.
Вардарци и осма сезона по ред се пласираа во најдобрите 16 екипи, што говори за нашиот континуитет во ЛШ, а на два пати успеа да ја освои и Европската титула, и тоа еднаш во големото финале против екипата на Веспрем.
Веспрем е наш добро познат противник, овој тим е предводен од Давид Дејвис кој во минатото беше дел од Вардар како помошник на Раул Гонзалес, со кој успеаа за прв пат да испишат историја и во 2017 година да ја освојат Лигата на Шампионите. Во екипата настапуваат исто така и неколку поранешни играчи, како Македа, Шишкарев, Манасков, Борозан, Фереира. Групната фаза ја завршија на второто место со вкупно 9 победи, 2 нерешени резултати и 3 порази.
Вардар во изминатиов месец ја подигна својата форма, со победите дома против Мотор Запорожје во СЕХА, како и дербито во македонската лига против тимот на Еурофарм Пелистер кој речиси го „прегазивме“ со 8 голови разлика, ни дава надеж дека можеме да одиграме добро вечерва и да завршиме со позитивен резултат на овој прв дуел со Веспрем.
Алушовски на располагање ги има сите ракометари кои вечерва ќе бијат голема битка со играчите на Веспрем, во составот се врати и Ловро Јотиќ, кој имаше малку подолга пауза, но неговиот колега на истата позиција, Анте Гаџа како одминува сезоната игра се подобро. Вардарци имаат свои адути, и важат како тим кој никогаш не се предава без разлика на околностите.
Двете екипи имаат 9 меѓусебни дуели, од кои шест победи има Веспрем и само две Вардар, додека еден меч завршил со нерешен резултат. Сепак, црвено-црните го имаат најголемиот споменат триумф, оној во големото финале од 2019 година кога во Келн го победивме противникот за втората Европска круна.
Натпреварот вечерва ќе можете да го проследите со директен пренос на МТВ и Арена Спорт 2.