Помладите пионери на ФК Вардар испишуваат рекорди оваа сезона. Покрај тоа што се единствената екипа која после 16 одиграни кола не знае за пораз, оваа генерација на Вардар предводена од Сашо Тодоровски, доминира, што се однесува и до најефикасниот напад, како и најдобрата одбрана.
Нашите млади надежи можат да се пофалат дека имаат постигнато најмногу голови од сите екипи кои се дел од младинските лиги. Оваа генерација има запишано 56 голови, а статистиката вели дека играчите се поефикасни во втората половина од натпреварите, кога постигнале вкупно 30 погодоци, додека 26 имаат во првиот дел од мечевите во пом.пионерска супер лига.
Во периодот од 71-80 минута, момците на Рап-Тап постигнале најмногу голови, вкупно 11, додека 10 погодоци во противничките мрежи паднале од 11-20 минута. Во последните десет минути од натпреварите, вардарци постигнале 8 голови. Следните биле во периодите од 21-30, како и од 31-40 минута ( по 5 голови), потоа од 51-60 минута ( 6 погодоци). По 4 голови имаме дадено од 0-10 минута, како и од 61-70, Најмалку сме ефикасни, од 41-50 минута, кога сме постигнале само 3 гола.
Како што напоменавме ја поседуваме и најдобрата одбрана, со само 9 постигнати голови, а статистиката вели дека 4 имаме примено во првата половина, додека 5 во вториот дел од натпреварите.