Стефан Стојановски е дел од Вардаровата генерација “2004“, која со двете екипи станаа шампиони во детската лига. Тој игра на средината на теренот и има голема заслуга во добрите резултати на неговата екипа. Минатата сезона стана шампион со екипата на Вардар (2), откако го освои првото место со победата во големото финале против екипата на Брегалница. Оваа сезона целта е иста, да се повтори успехот и повторно да се биде шампион. Во следново интервју ве запознаваме токму со Стефан Стојановски.
1. Од каде желбата да започнете да играте фудбал, кој е вашиот прв клуб и тренер ?
-Мојата желба за фудбалот се појави во најрана возраст, кога за петтиот роденден, како подарок ја добив првата фудбалска топка. Мојот прв и единствен клуб беше ФК Вардар, во кој се запишав на шест годишна возраст. Како прв тренер го имав Влатко Спасовски, кој дополнително ја зголеми мојата желба за фудбалот.
2. Станавте есенски шампиони во детската лига. Како ја видовте изминатата полусезона на вашата екипа?
-Мислам дека целиот труд кој го внесовме како тим за време на тренинзите допринесе да бидеме први, со максимален број на бодови. Задоволен сум од тоа што го покажав на натпреварите, како и на тренинзите. Без оглед на освоените бодови, имав денови во кои потфрлив во играта, но на крајот сé се заврши одлично. Воглавно, есенскиот дел од сезоната беше успешен и се надевам дека така и ќе продолжи.
3. Која е вашата позиција на теренот каде најдобро се пронаоѓате ?
-Јас играм во средниот дел, најчесто како везен играч, но и како полушпиц. Мислам дека сé уште го барам местото, кое со помош на тренерот ќе го најдам и ќе се покажам како најдобар.
4. Како е да се работи со Ане Андовски, кој е ваш нов предводник оваа сезона?
-До сега сум имал тројца тренери во клубот и можам да направам споредба. Секој од нив беше различен во споредба со возраста. Моментално сум презадоволен од тренинзите со тренерот Ане Андовски, кој е строг и принципиелен, но неговиот став и искуство ќе ме направат добар фудбалер. Навистина ми е чест да тренирам со него.
5. Што претставува за вас играњето во Вардар ?
-Играњето во Вардар е голема чест за мене, а името за мене претставува нешто со кое се гордеам и за кое ќе работам напорно за да го оправдам моето место во клубот.
6. Ваше мислење за проектот на ФК Вардар, наречен “Јуниор“ лига.
6. Проектот “Јуниор“ Лига е интересен проект во кој стекнуваме нови искуства, се запознаваме со многу нови пријатели и ги подобруваме нашите квалитети во фудбалот и тимската игра.
7. Кои се вашите очекувања за пролетниот дел од сезоната во детската лига?
-До сега работевме напорно, а резултати говорат сами за себе. Јас сум убеден дека ќе дадам сé од себе и ќе тренирам напорно за да ја оправдам довербата на тренерот и да направам да се гордее со мене и со тимот.
8. По што ќе ја паметите 2016 година?
-2016та година беше доста успешна за нас како тим. Една од работите по кои ќе ја паметам оваа година, беше освојување на „Балканика“ купот во Бугарија. Исто така, многу интересни според мене се и камповите за време на летото, како кампот во Охрид каде што вежбавме и се припремавме за есенскиот дел од сезоната.
9. Која е вашата визија за во иднна?
-Мојата визија е еден ден, со мојот клуб Вардар да ја освоиме Лигата на Шампионите и да бидам репрезентативец на Р. Македонија.
10. Како течат подготовките за пролетниот дел од сезоната ?
-Тренерот Ане Андовски веќе доста добро го познаваме, а и тој нас. Подготовките сега за сега течат во најдобар ред, а и се подобруваат секој тренинг. Поради тоа се надевам дека и во иднина тренинзите ќе бидат уште подобри од сега. Јас и лично ќе се трудам да напредувам и заеднички со тимот, титулата есенски шампиони да ја потврдиме и станеме пролетни шампиони.
Звонко Ивановски