Фудбалскиот клуб Вардар и покрај големите проблеми во клубот успеа да победи на натпревар од 13.коло во ПМФЛ.
Покрај освоените три бода на дуелот со Академија Пандев, Александар Васоски имаше можност на македонската фудбалска јавност да и промовира уште еден „бисер“ од Академијата на Вардар. Се работи за Андреј Стојчевски кој на 17 години го имаше своето деби во првиот тим на Вардар.
Стојчевски влезе во 50 минута од натпреварот на местото на Реџепи и според оценките на многумина одигра многу добар натпревар. Се работи за играч од средината од теренот, кој имаше можност и да се запише во листата на стрелци на својот деби дуел за првиот тим.
Андреј започнува да игра фудбал на шест години, во екипата на Металург, клуб во кој се задржува од 2009-2012 година. Стручните лица во Вардар го препознаваат како потенцијал и решаваат да го донесат во најголемиот македонски клуб. Андреј ги помина сите младински категории на Вардар, а во 2019 година со генерацијата 2003 ја освои и двојната круна во Македонија.
Се работи и за репрезентативец на Македонија, Андреј има настапи и за младите селекции на својата земја. Сезонава играше одлично за кадетите-младинците на Вардар, а неговите добри игри беа препознаени и од Васоски кој често ги следи натпреварите на младите на клубот.