Лука Стојковски е вистински пример за еден спортист, кој сака да успее во тоа што го посакува. Ова младо момче има само 12 години и со успех го носи црвено-црниот дрес уште од мали години. Настапува за генерацијата “2003“ и претставува блескава голманска иднина за Вардар и Македонскиот фудбал. Решивме да направиме интервју со Лука и поблиску да ве запознаеме со можеби идниот репрезентативен чувар на мрежата. Неговата приказна е многу интересна и веруваме дека ќе допре до сите, кои се занимаваат со некој спорт.
Вардар Фанс: Од каде желбата за фудбал и зошто баш се одлучивте да бидете голман ?
Стојковски: Голман станав сосема случајно, одев со мој роднина на тренинзи, на кои немаше кој да брани. Јас како гледач од публика застанав на голот и се сеќавам дека го одбранив првиот удар кој беше упатен кон мојот гол. Од тогаш се роди мојата желба да бидам голман и продолжив да одам на натпревари, со цел само да бидам голман.
Вардар Фанс: Какви беа првите впечатоци за твојот талент, од присутните кои те следеа на тие натпревари ?
Стојковски: Имаше резултати од моите први почетоци со овој спорт, па тогашниот тренер Илија ги замоли моите родители да ме носат на фудбалски натпревари. Од тогаш поминаа три години откако сум во Вардар, а професионално и интензивно тренирам две години.
Вардар Фанс: Колку твоите најблиски се поддршка да станеш, тоа што вистински го сакаш ?
Стојковски: Јас сум од Куманово и за овие три години немам пропуштено ниту еден тренинг на својот тим. Ова го должам на моите родители кои ме носат секојдневно во Скопје, и сум многу благодарен за тоа што прават за мене.
Вардар Фанс: Постои ли некаква желба кај Лука за понатаму?
Стојковски: Со многу работа и труд се надевам дека еден ден ќе ги бранам боите на Македонската репрезентација. Само со упорност и максимална одговорност, може да се постигнат успеси и добри резултати. Се надевам дека ќе ги оправдам залагањата на моите родители и тренерот Мутибариќ, затоа што навистина вложуваме многу труд.
Вардар Фанс: Колку сте задоволни од прикажаните резултати и игри на својата генерација, на турнирите каде учествувавте ?
Стојковски: Резултатите од добрите тренинзи се видливи на нашите турнири, каде што настапувавме. Јас ќе ги споменам турнирите “Караорман куп“ и “Синалко куп“ на кои го освоивме првото место во нашата конкуренција. На последниот турнир во Благоевград, дадовме се од себе, ни фалеше можеби и малку спортска среќа. Моите соиграчи на теренот беа одлични, а јас се трудев што подобро да го заштитам голот. Мислам дека сме сите морални победници. Ова беше едно големо искуство за нас и поттик за уште поголема работа и труд, изјави Лука Стојковски за нашиот сајт.
Звонко Ивановски