После настапот на црвено-црните во Купот на Македонија, повторно се враќаме на првенствените дуели. Сите натпревари во рамките на шестото првенствено коло, генерациите на Вардар ќе ги одиграат во сабота. Противник во ова коло е незгодната екипа на Шкупи.
-Помладите пионери влегуваат во овој дуел, со серија од пет победи на последните шест натпревари. Оваа најмлада генерација која се натпреварува во лигата бележи одлични резултати, за тоа говори фактот дека се единствената Вардарова категорија која е се уште без пораз. Во лигата се наоѓаат на првото место со 13 освоени бодови и веќе се пласираа во 1/4 на купот на Македонија. Единствено одиграа нерешено со екипата на Работнички во првото коло. Од тогаш нареди пет триумфи, а ваквата серија очекуваме да продолжи утре на теренот во Чаир. Мечот е закажан да започне во 11 часот.
-Да не беше поразот од Шкендија во минатото коло, пионерите ќе имаа максимален учинок на стартот од сезоната. Во тимот за ова коло се враќаат капитенот Рамиќ и најдобриот стрелец Ѓоргиевски. Во средата во рамките на купот, со убедлива победа се вративме од Струмица и така обезбедивме пласман во 1/4 рунда. Натпреварот ќе се одигра во Чаир со почеток од 13:00 часот.
-Кадетите беа слободни во националниот куп, па своите сили ги насочија кон овој натпревар со Шкупи. Момците на Влатко Колев имаа време за одмор и подготовки за овој дуел. Ова генерација игра одлично на почетокот на сезоната, каде оствари четири победи и само еден пораз. Црвено-црните ќе го пречекаат Шкупи на теренот на Локомотива, меч кој е планиран да започне во 10 часот.
- Младинците својот натпревар против Шкупи ќе го одиграат исто така на теренот на Локомотива, со почеток од 12 часот. Во досегашниот дел од сезоната оваа генерација има забележано три победи, еден нерешен резултат и еден пораз.