Во текот на вчерашниот ден се одигра и одложеното 10.коло во кадетската и младинска лига, по што финишираше есенскиот дел од сезоната во младинските фудбалски лиги.
Помладите пионери се единствените од вардаровите екипи кои завршија како есенски шампиони. Избраниците на Сашо Тодоровски имаа одлична полусезона, одиграа вкупно 14 натпревари, на кои остварија 10 победи, 4 нерешени резултати и ниту еден пораз. На тој начин, Вардар заврши на првото место со вкупно 34 освоени бодови. Втора е екипата на Работнички со 30 бодови, додека трета е Шкендија со 28 бодови. Овие три екипи во пролетниот дел ќе се борат за шампионската титула.
Пионерите иако добро ја започнаа сезоната, сепак есенскиот дел го завршуваат на второто место зад екипата на Академија Пандев. Избраниците на Стефановски остварија 10 победи, но и 3 порази, како и еден нерешен резултат во последното коло на дербито со Работнички. Академија Пандев покажа дека се работи за одлична екипа, кога не совлада на наш терен и од тој меч го превзеде лидерското место, разлика која само ја зголеми до одигрување на последното есенско коло. Струмичани имаат 37 бодови, додека црвено-црните се втори со 31 бод. На третото место се Шкупи и Работнички кои собраа по 28 бодови
Кадетите врзаа три последователни победи и го завршија есенскиот дел на второто место. Само поради еден гол, како есенски шампион заврши тимот на Шкендија кој има 29 освоени бодови, како и Вардар. На третото место е екипата на Работнички со 28 освоени бодови. Избраниците на Филип Ивановски на 14 одиграни меча, остварија 9 победи, 2 нерешени резултати и 3 порази.
Младинците на Вардар го финишираа есенскиот дел на 6.позиција, со 19 освоени бодови. Со оглед дека во оваа екипа настапуваат и играчи кои се 2002 годиште, не е изненадување ваквиот пласман во овој дел од сезоната. Успеавме да победиме шест меча, еднаш одигравме со нерешен резултат, додека загубивме седум дуели. Во младинската лига, првото место е за Шкендија која има 35 бодови, додека втор е Работнички со 31 бод.