Одиграно е 17. коло во првенството на младинските фудбалски категории, каде Вардар за противник го имаше тимот на Гостивар. Беа забележани две победи, еден нерешен резултат и еден пораз.
Пионерските екипи своите мечеви ги одиграа во четвртокот, на теренот на противникот. Помладите пионери го загбија дуелот со врсниците од Гостивар со резултат 3:1. По овој неуспех, оваа генерација ги загуби и најмалите шанси доколку постоеа за освојување на трофејот. Избраниците на Сашо Јанев после ова коло паднаа на осмото место на табелата со 27 освоени бодови, или 11 помалку од лидерот Работнички. Екипата на Работнички која е актуелен шампион на оваа генерација успешно помина уште едно коло и на домашен терен го победи тимот на Шкупи. Единствен нивни конкурент за трофејот е екипата на Металург која има 35 бодови, или три помалку од лидерот. На Вардар му останува борба за горниот дел од табелата, каде може да оди и до високото трето место, каде само четири бода е разликата со третопласираниот тим на Пелистер.
Пионерите продоллжуваат со лошите игри во пролетниот дел, каде имаме само една победа. Без победник (1:1) заврши мечот во Гостивар. Во оваа генерација, екипата на Шкупи е недостижна и најверојатно дека ќе нема големи проблеми во последните пет кола да ја освои шампионската тирула. Тимот од Чаир во ова коло на Алумина го совлада минимално Работнички и отиде чекор понапред кон освојување на првото место на крајот од сезоната, со оглед дека има девет бода повеќе од Шкендија (која во ова коло ремизираше со Металург) и дури 11 повеќе од составот на Вардар. За избраниците на Сашо Тодоровски останува борбата во купот, каде го браниме трофејот од минатата сезона, кога во финалето бевме подобри од Милано.
Кадетите без поголеми проблеми на домашен терен го совладаа Гостивар и ги одржаа шансите за титулата. Избраниците на Влатко Колев славеа убедливо со 7:0 и останаа на четири бода помалку од првопласираниот Работнички, кој пак славеше минимално на гостувањето против Шкупи. Токму во следното 18 коло се среќаваат најголемите конкуренти за трофејот во кадетската лига. На теренот на Алумина, претстојниов викенд ќе играат екипите на Работнички и Вардар. Исходот од овој натпревар може да даде одреден патоказ, каков би можел да биде конечниот исход на табелата, иако немора да значи дека ќе го даде и новиот шампион. Во оваа генерација третопласирана е екипата на А.Пандев.
Борбата за титулата ја продолжуваат и нашите младинци, кои во понеделникот убедливо го победија Гостивар со резултат 9:1. И по одигрување на ова коло нема промени на врвот на табелата, односно Вардар и Шкендија сега имаат по 44 бодови. Тимот од Тетово исто така забележа висок триумф во ова коло, откако на домашен терен со 8:0 го победија Металург. До крајот остануват уште пет кола, во кои Вардар и Шкендија се единствените екипи со шанси за трофејот. Вардар треба да гостува во следните кола на Работнички и токму Шкендија, што го става нашиот најголем конкурент во подобра позиција за освојување на првото место.
Во следното 18 коло, противник е екипата на Работнички. Пионерските екипи се домаќини, додека кадетите и младинците ќе гостуваат на теренот на Алумина, во термини кои дополнително ќе бидат одредени.