Младинците на РК Вардар со победа се враќаат од гостувањето во Охрид, каде ја совладаа екипата на Охрид 2013. Конечниот резултат на овој меч гласеше 30:42
Одлично започна мечот за нашиот состав кој по пет минути игра имаше водство од 0:4. Во следниот период домашниот тим успеа да ги консолидира своите редови и да намали на само два гола негатива (4:6). Меѓутоа тоа е се што успеа да стори противникот на овој меч. Како течеше првото полувреме, Вардарци играа се подобро и се повеќе го зголемуваа водството. Во два наврати имавме предност од пет голови разлика (7:12) и (9:14), за момент Охрид само да го намали резултатот на на 10:14. Од тие моменти следат пет последователни голови за Вардарци кои поведуваат со највисоки 10:19. Оваа предност ја задржавме и по истекот на првите 30 минути, кога резултатот на семафорот гласеше 12:21.
Првиот гол во второто полувреме го постигна екипата на Охрид, која го намали резултатот на 13:21. Беше и 15:22, за избраниците на Чивлачки да постигнат три голови во серија и веќе да имаат двоцифрена предност од 15:25. Врати на ова екипата на Охрид на ист начин и намали на 18:25. Вардар имаше постојано контрола на резултатот и не дозволуваше ниту во еден момент, противникот да се доближи посериозно на нашето водство. Стигнавме повторно до високи 23:32, по што полека беше јасно кој ќе ги освои бодовите на овој натпревар. До крајот на мечот само растеше предноста во наша корист, за на крајот да забележиме убедлива победа изразена со резултат 30:42.
Најефикасни во нашите редови беа крилата Ален Ќосевски со 10 и Христи Бикоски со 8 голови. Ова беше шестта победа за нашите младинци во групата 1 од младинската лига. До крајот на сезоната останува да ги одиграме натпреварите со екипата на Преспа 2015 и Металург 2.