Во следново наше интервју ве запознаваме со Марко Тасев, играч кој настапува за младинците на ФК Вардар. Левиот бек од минатата сезона го засили Вардар откако дојде од градскиот ривал, тимот на Работнички. Тасев имаше можност да биде дел од играчите кои дебитираа за првиот тим во минатата натпреварувачка сезона. Прочитајте го интервјуто со Марко Тасев:
1. Кога беа твоите почетоци со фудбалот, кој беше првиот клуб каде заигравте и од каде произлезе желбата за овој спорт ?
-Започнав во Форца со тренерот Џипунов на 12 годишна возраст, со тоа што како дете постојано играв фудбал со брат ми било да е во двор или на игралиште, па решив да се занимавам со тоа и едноставно се заљубив.
2. Во кои се екипи имате настапувано и кои се трофеи во младинските категории ги имате освоено досега ?
-Имам настапувано за Форца, подоцна Работнички и моментално за Вардар. Сите тимски трофеи се некои утешни награди како на пример второ или трето место, но сето тоа оставам зад себе и зошто оваа година со Вардар да не биде првата титула.
3. Минатата сезона од Работнички се преселивте во Вардар, како се случи преминот во градскиот ривал и дали постоеше двоумење кај вас за преселбата во друг тим ?
-Ситуацијата во Работнички не ми годеше никако, слаби услови за работа, незаинтересираност и на крај несогласување со тогашниот тренер Вангел Алтипармаковски беа клучни фактори за мојата преселба, на моја лична иницијатива без никакво двоумење, но испадна како еден добар чекор кој што ако би можел повторно би го направил.
4. Минатата сезона во рамките на последното коло од ПМФЛ имавте можност да дебитирате за првиот тим на Вардар и тоа на “жешкиот„ терен во Чаир, против екипата на Шкупи. Какво беше чуството кога излеговте на терен и дали постоеше трема и значи на возбуда кај вас ?
-Како и на секој играч така и на мене цел ми беше да дебитирам за првиот тим на Вардар, чувството беше прекрасно со голема возбуда но и одговорност. Да играш на тој терен пред повеќе од 4000 публика не е едноставно и нормално како дебитант имав мала доза на трема на самиот почеток но понатаму едноставно уживав во играта и дадов се од себе, криво ми е што го загубивме тој натпревар. Ќе ја искористам оваа прилика да му се заблагодарам на тогашниот тренер Бобан Бабунски и помошниот тренер Раденко Бојовиќ што едноставно имаа доверба во мене и ми пружија шанса.
5. Вашиот брат игра настапува за младинците на Работнички, колку често зборувате за фудбал и дали пред вапите меѓусебни дуели има некакви кладби околу тоа кој ќе победи, или нешто слично .. ?
-Марио остана во Работнички и со оглед на тоа што оваа сезона се подоле на табелата пробувам да му укажам дека тоа и не е баш вистински чекор да се оди напред. Нормално дека има кладби, зезање и слични работи, а и добро е што има затоа што сите до сегашни кладби ги добив. Со оглед на тоа дека играме исти позиции немаме баш некои меѓусебни дуели на натпреварите, но верувам дека доколку проба да ме чува на наш фаул или корнер би го натскочил и голманот ќе биде принуден да ја вади топката од својата мрежа.
6. Есенскиот дел од сезоната го завршивте на второто место зад екипата на Шкендија, како ја оценувате изминатата полусезона и дали сметаш дека се уште постојат шанси за освојување на титулата во лигата ?
-Како што кажавте моментално сме на втората позиција и уверен сум дека можеме и до титула. Немавме воопшто среќа во дуелите со Шкендија иако изигравме добри натпревари. Би сакал да посочам дека сум задоволен од другите изиграни утакмици и дека од титулата не сме откажани. Имаме добри играчи и тренер и верувам во нас се до последниот меч од сезоната.
7. Дали секогаш сте настапувале на позицијата лев бек или можете да играте и на друг дел од теренот ?
-Со доагањето во Вардар се смени и мојата позиција, пред тоа играв и лево крило но секако моментално се вклучувам и на таа позиција во некои формации.
8. Што да очекуваме од младинците на Вардар во пролетниот дел од сезоната, дали шансата за трофеј ја барате во купот, каде веќе се пласиравте во полуфиналето ?
-Табелата во лигата ја знаеме и нема да ја исклучиме можноста на некој кикс на Шкендија ние ќе си ја играме нашата игра и ќе видиме што понатаму. Во однос на купот би сакал да идеме на Шкендија во финалето и таму да ги платат сите долгови што ги имаат кон нас и сигурен сум дека секој од нас ке даде се од себе за освојување на еден трофеј оваа сезона.
9. Какви планови и цели имате за во иднина, со оглед дека ја играте последната сезона во младинската лига ?
-Секако дека останувањето во првиот тим на Вардар е прв план и желба за мојата понатамошна кариера и оваа полусезона е една од најбитните за мене, но доколку тоа не се случи ќе се прифати понуда од некој друг тим..не знам.. ќе видиме како ке се одвиваат настаните.
Звонко Ивановски