Младинците на фудбалскиот клуб Вардар се финалисти во купот на Македонија, откако на реванш натпреварот од полуфиналето ремизираа 0:0 со екипата на Работнички. Триумфот од првиот меч, на крајот ни донесе пласман во големото финале. Вардарци заслужено се најдоа во можност да се борат за трофејот, бидејќи беа подобра екипа на теренот со поголем број на создадени шанси од противникот. Сепак Работнички ја имаше најзрелата прилика да поведе, откако им беше досуден пенал на десет минути пред крајот. Јунакот за црвено-црните, Филип Трајчевски уште еднаш докажа дека се работи за квалитетен чувар на мрежата, успевајќи да го скроти ударот од белата точка и да го однесе Вардар во големото финале.
-Како и на секој претходен натпревар, така и на овој реванш меч од полуфиналето на купот влеговме максимално сконцентрирани и желни за пласман во големото финале. Пред нас имавме многу добар противник, со кој одигравме еден цврст меч. Во првото полувреме имавме неколку добри шанси да реализираме, но топката како да не сакаше да влезе во голот на Работнички. Во вториот дел тие имаа пенал, кој не го реализираа. Работнички многу пати имаат остварувано победи во купот и тоа со удари од белата точка и имам некоја моја претпоставка каде најчесто завршуваат нивните удари. После ваков неизвесен и возбудлив натпревар, чуството за пласман во финалето е неверојатно.
Противник за црвено-црните во големото финале од купот, ќе биде екипата на Академија Пандев. Со истов противник играме во наредното 18 првенствено коло, кога на домашен терен ќе го пречекаме најголемиот наш конкурент за титулата во лигата.
-Таму за противник ја имаме екипата на А. Пандев, која е следен наш противник во лигата, но и наш конкурент за освојување на титулата. Со бистри глави, позитивни мисли, одиме на триумф и во сабота. Докажавме и допрва ќе докажуваме дека оваа генерација на Вардар многу вреди, изјави Филип Трајчевски за Вардар фанс.
Звонко Ивановски