Вардар ја забележа и третата победа во низа, откако попладнево во Маџари беше подобар тим и заслужено славеше со 1:0 (0:0) над Силекс. Голот вреден три бода на овој натпревар го постигна Матеј Цветаноски, за кого ова беше втор погодок во низа по оној со Работнички пред само три дена.
Неквалитетни први 45.минути одиграа Вардар и Силекс попладнево во Маџари. Со многу грешки на двете страни и без ниту една посериозна шанса, мина првиот дел на овие прволигаши. Вардар не створи ниту една посериозна шанса пред голот на гостинот, се обидуваше од прекини да направи нешто повеќе, но не се случи ништо ниту од тие прекини. Гостинот имаше една добра шанса во првиот дел. По грешка на Мицевски кон крајот на првиот дел, Икиќ од изгледна ситуација биеше само покрај голот на Гачевски. Поради повреда во 43. минута од игра излезе Брдаровски, а на негово место влезе Попзлатанов.
Вториот дел започна со две добри прилики за Силекс. Гостинот најпрвин се закани од 20-сетина метри, а потоа и со глава биеше за малку крај голот на Гачевски. Во 54. минута Вардар од својата прва добра акција го матираше противникот. Фелипе одлично измами еден противнички играч, му додаде супер топка на Попзлатанов, кој по земја од десната страна му сервираше супер шанса на Цветаноски кој биеше прецизно од пет метри за водство од 1:0 за Вардар. Во продолжението од натпреварот Вардар не застана, Попзлатанов измрда неколку играчи на противникот, но за жал во клучниот пас беше изблокиран неговиот обид да стигне топката до Лира кој беше сам на неколку метри од голот. Во 77. минута Аврамовски пропушти да стави точка на оваа средба. Фелипе речиси го претрча целиот терен, несебично му додаде на Аврамовски, кој пропушти 100% шанса и биеше само во голманот на гостите. Во завршните десет минути од дуелот од игра излегоа Лира и Најдовски, а влегоа Колевски и Димоски. До крајот на мечот Аврамовски пропушти уште една супер шанса да постигне погодок. Со резултат 1:0 заврши дуелот.