Вaрдар дојде до многу значајни три бода. Со головите на Мицевски и Попзлатанов во финишот, Вардар успеа да победи по два натпревари и да остане лидер на табелата со плус два пред Шкендија. Во недела нашиот тим на домашен терен ја пречекува екипата на Беласица.
По првиот дел Вардар имаше предност од 0:1. Нашиот тим одлично го отвори натпреварот, од самиот старт нападна и бараше гол. Веќе во 19. минута “црвено – црните” дојдоа до многу важен гол во Ѓорче, стрелец на погодокот беше Вилијан Лира, за кој ова беше трет првенствен гол. Во првиот дел Вардар имаше и уште неколку шанси за втор гол и еден сомнителен недосуден пенал при акција на Цветаноски. Домаќинот најубавата шанса во првиот дел ја имаше во 40. минута, Џеферсон во продор по десната страна, шутираше за малку крај голот на Гачевски кој ја допре оваа топка и заврши во корнер за домаќинот.
Вториот дел започна со опасна акција на Брдаровски кој го претрча целиот терен но немаше завршница и биеше само млако до голманот на домаќинот Јовановски. Уште една добра шанса имаше Вардар, овој пат во 53. минута, Адем биеше од 20-сетина метри но само покрај голот. Во 54. минута домаќинот израмни, Божиновски по одлична акција со глава биеше од пет метри прецизно за 1:1. Во 63. минута од игра излезе Адем а на негово место влезе Јуфо кај Вардар. Одново опасен напад со долга топка имаше домаќинот, за среќа на Вардар никој не успеа да ја зафати топката и заврши во гол аут. Во 71. минута Божиновски имаше голема шанса да постигне и втор гол, одлично го изврте Новак, биеше, а Гачевски одлично одбрани и спречи нов гол. Во 80. минут Јуфо одлично биеше од слободен удар од над 20 метри, но домашниот голман убаво одбрани и топката заврши во корнер. Гооол, во 90. минута Мицевски со прецизен удар од 15-сетина метри биеше прецизно за голема радост и 1:2. Уште еден гол, во 93. минута Попзлатанов излезе сам пред домашниот голман, биеше рутински за 1:3 и голема победа на Вардар.