Пионерите на ФК Вардар стигнаа до многу важен триумф во денешното првенствено коло, откако на домашен терен ја совладаа екипата на Победа од Прилеп, со резултат 3:0.
Тренерот Кралевски стартуваше со следниве 11-сетмина: Величковски, Асани, Крстевски, Ѓурковски, Петејчук, Гугуљанов, Хасани, Величковиќ, Речица, Салиу, Омерагиќ (c).
Вардар го имаше првиот директен удар на овој меч и тоа преку Харбин Речица, кој бие силно, но одбрани голманот на Победа. Вардар беше многу подобар на теренот, имаше голем посед на топка и се обидуваше да го загрози противничкиот гол. Бргу успеваме да го отвориме резултатот, откако мрежата на гостите ја погоди Фисник Салиу, кој се најде на вистинското место, откако најпрво биеше Гугуљанов, голманот одбрани, но за момент, одбиената топка стигна до Салиу кој ја смести во мрежата за водство од 1:0.
Истиов играч имаше нов обид, но овој пат одбрани голманот на Победа, за одбележување е обидот и на Речица, кој со глава бие над голот. Гостите од Прилеп речиси и да не се заканија кон нашиот гол, Матеј Величковски немаше многу работа во првото полувреме. Мартин Радуловиќ-Величковиќ од десната страна се најде во прилика, биеше, но без реализација, како и новиот обид на Харбин Речица, кој го одбрани голманот. По првите 45 минути, Вардар имаше минимално водство од 1:0.
Во второто полувреме направена е принудна измена, поради повреда играта ја напушти Речица, на негово место влезе Атом Фазлиу. Токму Фазлиу го имаше првиот обид во вториот дел, кога биеше над голот. Вардар стигна и до посигурна предност од 2:0, кога после нафрлена топка од корнер, мрежата ја погоди Мартин Радуловиќ-Величковиќ.
Имаа црвено-црните контрола на играта, Победа ниту во вториот дел не беше опасна по нашиот гол. Сите дилеми за победникот ги реши Атом Фазлиу, кој успеа да погоди за предност од 3:0. Имавме прилика и за зголемување на резултатот, но Салиу со глава ја погоди пречката од голот на Победа. Во игра влегоа Костовски и Исени, на местото на Гугуљанов и Салиу.Немаше поголеми возбудувања во последните десет минути, пионерите на Вардар стигнаа до рутинска победа од 3:0.
Ова беше 11.победа за пионерите на ФК Вардар кои имаат 5 бодови повеќе од екипите на Работнички и Шкендија.