Изминатиов период уште тројца млади играчи го имаа своето деби во сениорскиот тим на ФК Вардар. Се работи за Иван Мицевски кој е роден 2002 година, како и Грегори Давков и Абдулах Хасани кои се 2003 генерација.
Мицевски на официјален натпревар дебитираше во рамките на 21.коло, кога влезе во последните седум минути од дуелот против екипата на Ренова, кој црвено-црните го загубија. Младиот и надежен играч започна во стартниот состав на Вардар против екипата на Струга Трим Лум, кој заврши со нерешен резултат (1:1). Мицевски ги одигра сите 90 минути. Се работи за играч кој веќе 2.5 години е дел од Вардар, инаку потекнува од фудбалската школа на Форца.
Своето деби на официјален натпревар го имаше и Грегори Давков, кој одигра 30 минути на дуелот со Струга ТЛ. Давков е голем потенцијал и репрезентативец на Македонија до 19 години. Инаку Грегори потекнува од школата на Фудбал Старс од Кочани, додека во Вардар ја започнува и третата година како член на клубот.
Како дебитант го запишуваме и Абдулах Хасани, роден 2003 година, кој имаше свои минути на натпреварот против Ренова. Се работи за играч кој ги помина младинските категории на клубот и репрезентативец на младите категории.