Зад нас е натпреварувачката сезона 2016/17, во која генерацијата на ФК Вардар родени “2003“ година успеаа да станат шампиони на Македонија и да го освојат националниот куп, што не им успеа на ниту една друга генерација оваа сезона. Избраниците на Томче Трајановски имаа 18 победи од 19 одиграни натпревари во регионалната-скопска лига, додека еден дуел го одиграа со нерешен резултат. Импресивна беше сезоната за оваа генерација која под водство на нов тренер успеа бргу да се вклопи во неговите замисли и на крај да ја освои двојнаа титула. Дел од шампионската “2003“ генерација беше и Дарко Трпезановски, кој беше еден од постандардните играчи во стартните 11 на тимот. Дарко е пет години дел од Вардар.
1. Дали имавте желба за друг спорт или секогаш фудбалот ве привлекувал. Кој е првиот клуб и тренер во вашите фудбалски почетоци ?
-Од секогаш сум сакал да тренирам и да играм фудбал. Мојот прв клуб беше Вардар, додека тренер со кого имав можност прво да работам беше Филип Арсовски.
Играте на позиција десен бек. Дали оваа е идеалното место каде се пронаоѓате во фудбалската игра, или може да одиграте добро и на друга позиција на теренот ?
-Мојата природна позиција е десен бек, иако сум имал можност да играм и на други позиции, каде ме ставале тренерите. На мојот прв турнир со Вардар во Охрид имам играно средина или крило.
3. Како ја виде изминатава сезона, во која почнавте со нов тренер и дали верувавте дека можете да ја освоите двојната круна ?
-На почетокот на новата сезона имавме нов тренер, во името Томче Трајановски кој ни влеваше самодоверба дека можеме да ја оствариме конечната цел, која ја поставивме на почетокот на сезоната. Со колективностм, макотрпната работа, самодовербата и соработка го освоивме купот и лигата. Притоа успеавме да останеме непоразени и во двете натпреварувања и на перфектен начин да ја завршиме сезоната.
4. Кои работи ќе ги наведете како клучни, за успехот кој го постигнаве и освојување на двата трофеи ?
-Еден од главните фактори за нашиот успех е секако тренерот, кој успеа да ги пронајде идеалните 11-сетмина на теренот, кои делуваа како целина и меѓусебно си даваа поддршка за време на натпреварите. Сепак сите играчи кои беа дел од оваа генерација се подеднакво заслужни за успехот и секој од нив има свој удел и придонес во двата освоени трофеи. Се надевам дека и следната сезона ќе останеме истата екипа и ќе се трудиме да прикажуваме уште подобри игри и резултати.
5. Со кои се тренери имате работено во Вардар и дали нивното искуство ви помогнало да се развите во подобар фудбалер ?
-Сум имал можност да работам со тројца различни тренери во ФК Вардар. Тоа се Филип Арсовски, Ане Андовски и Томче Трајановски. Сите имаат свој стил на работа и мислење за фудбалската игра, но од секој сме имале можност да научиме нови работи, кои сме ги применувале на тренинзи и за време на натпреварите. Секако дека искуството на секој од нив е драгоцено и позитивно во нашиот понатамошен развој.
6. Кој е вашиот синоним за Вардар и на што ве потсеќа како клуб ?
-Без конкуренција Вардар е најголемиот клуб во Македонија. Клубот е синоним за трофеи и број еден спортски бренд во нашата држава. Секој има желба барем во одреден дел од кариерата да го носи црвено-црниот дрес.
7. Дали Дарко има желба за во иднина и дали би сакале да останете во Вардар ?
-Јас би сакал да продолжам да играм и да тренирам во Вардар и да ги поминам сите младински категории на клубот. Секако дека целта на еден играч кој бил дел од младинските екипи е еден ден да заигра и во првиот тим. Сепак имам желба да се испробам и во некој друг клуб надвор од Македонија, доколку постои можност за такво нешто.
Звонко Ивановски