Вардарци им се вратија на победите, откако попладнево на домашен терен ја совладаа екипата на Велешта со убедлив резултат 4:0 (2:0). Со оваа победа, Вардар одново се врати во игра за втората позиција на табелата и го искористи резултатот во Охрид на првите две екипи во овој момент.
По првиот дел Вардар имаше два гола предност. Уште во втората минута од натпреварот Вардар дојде до предност од 1-0, а успешен реализатор беше Петковски Филип по одлична асистенција на младиот Николов. Веќе во 14.минута по уште една супер акција на Глишиќ, Николов одново беше асистент до Петковски кој погоди предизно за 2:0. Потоа гостинот доби пенал. Лена биеше многу лошо, Илиќ го прочита неговиот удар по средината на голот и го одбрани овој пенал и ја сочува својата мрежа. До крајот на првиот дел Вардар имаше уште две супер шанси преку Глишиќ и Мишковски, но и двајцата немаа среќа, односно ја погодија конструкцијата од голот на гостинот.
Во вториот дел Вардар продолжи во исти ритам. Се играше 56. минута, Блажевски беше соборен во шеснаесетникот на гостите и беше досуден пенал за Вардар. Токму Блажевски ја зеде топката и биеше силно под голманот на гостите за веќе убедливи 3:0. Продолжи добрата игра на Вардар, гол постигна и Наумоски но беше поништен поради сомнителен офсајд. Глигоров во продолжението од дуелот освежи, па така во игра влегоа Пеев, Љамчевски, Стојанов, Парталко и Петров. До крајот на дуелот Вардар постигна и четврти погодок преку Петковски, за кој ова денес беше хет-трик.