Генерацијата 2009 на ФК Вардар денес на терените на ФФМ го одигра претпоследното коло во рамките на детската фудбалска лига. Меч одигра екипата на Вардар (1) која беше подобра во дуелот со тимот на Албарса, избраниците на Кралевски славеа висока победа со резултат 10:0.
Капитенот на Вардар, Вито Павлов го отвори резултатот на натпреварот и му донесе водство на Вардар од 1:0. Ние до крајот на првото полувреме постигнавме уште еден гол, иако можевме на одмор да заминеме и со поубедливо водство, сепак некои од шансите не успеавме да ги реализираме. За предност од 2:0 погоди Јаков Стојковски, резултат кој беше актуелен по првите 25 минути од натпреварот.
Во второто полувреме, искористивме најголем дел од шансите и до врв ја наполнивме мрежата на противникот. Со првиот гол на Васко Папалиски имавме и предност од 3:0, додека во листата на стрелци се запишува и Андреј Кралевски кој го зголеми резултатот на 4:0. Нов играч во редовите на Вардар успева да ја затресе противничката мрежа, се работи за Марко Петровски, погодок кој ни донесе зголемено водство од 5:0. Иако имавме високо водство, сепак не застанавме со нападите, втор гол постигна и Вито Павлов, за резултат 6:0. Павел Котески-Митровски беше играчот кој следен ја погоди мрежата на Албарса и тоа од пенал, зголемување на 7:0. До крајот на дуелот постигнавме уште три гола, два беа дело на Андреј Кралевски, додека голеадата ја заврши Јаков Стојковски, за конечни 10:0 на овој нерамноправен меч од детската лига.