Три победи и еден нерешен резултат е епилогот од одиграното 17. коло во првенството на младинските категории, за генерациите на фудбалскиот клуб Вардар. Противник ни беше екипата на Победа, која ја добивме во три дуели, додека единствено само кадетите одиграа со нерешен резултат.
Дербито помеѓу овие две екипи беше кај помладите пионери, во кое вардарци славеа убедлив триумф на домашен терен. Полесно од очекувањата, црвено-црните го победија својот најголем конкурент за трофејот, тимот на Победа кој пред ова коло имаше еднаков број на бодови со Вардар. Сепак вардарци се покажаа како посилен противник, на натпревар на кој имаа целосна доминација, на кој уште по првото полувреме ги решија дилемите околу победникот, кога имаа високо водство од 3:0 а во вториот дел со уште два гола во мрежата на прилепчани ја потврдија доминацијата на овој дерби меч од помладата пионерска лига. Така после одигрување на 17.коло Вардар се одвои на врвот на табелата со 38 бодови, пред екипата на Победа која има 35, додека на третото место остана екипата на Работнички која има 31 бод. Во следното коло, Вардар гостува кај Њу Старс, додека Победа на домашен терен во дербито е домаќин на тимот на Работнички.
Успешно коло имааа и пионерите на Вардар, кои стигнаа до третиот последователен триумф во пролетниот дел и на тој начин го задржаа првото место на табелата. Противникот од Прилеп даде отпор во првиот дел, кога имавме минимално водство од 1:0. но нашите млади надежи во вториот дел го потврдија триумфот (3:0) и стигнаа до уште една важна победа во лигата. Вардар се наоѓа на првото место со 37 бодови, пред екипите на Работнички и Шкендија кои имаат по 32, додека Академија Пандев падна дури на четвртото место, откако на домашен терен загуби од тимот од Шкупи.
Кадетите пропуштија можност да врзат три победи по ред и одиграа само нерешено на гостувањето во Прилеп. Вардарци иако први го отворија резултатот, на крајот беа принудени да спасуваат бод. Победа направи пресврт за краток период, а спасуваше Игнатов кој го израмни резултатот, за подоцна да добие и црвен картон, што беше отежнителна околност во последните 20 минути од натпреварот. Нашите кадети останаа на шесттото место на табелата со 21 освоен бод, пропуштајки шанса да се доближат на петопласираната А.Пандев која во ова коло одигра без голови на дуелот со Шкупи.
Најубедливиот триумф го имаа младинците кои славеа високо на гостински терен против Победа (0:8), одржувајќи ги на тој начин шансите за титулата. Иако после ова коло бодовната разлика со екипата на Шкендија и натаму останува осум бода во корист на тетовчани, кои немаа никакви проблеми да слават на гостувањето кај Њу Старс (0:7) и да го задржат стопроцентниот ефект во лигата.
Во следното 18.коло пионерските екипи гостуваат во Ѓорче на екипата на Њу Старс, додека кадетите и младинците се домаќини на истиов противник.
Мора да се спомене податокот дека вардаровите екипи играат одлично во пролетниот дел од сезоната, каде на 12 одиграни мечеви имаме дури 11 победи и само 1 нерешен резултат, што само говори за успешниот принцип на работа во академијата на Вардар.