Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > Петлиња > ФК Вардар го освои второто издание на турнирот “Гази Баба Куп 2016“, кај генерација родени “2003“ година
ФК Вардар го освои второто издание на турнирот “Гази Баба Куп 2016“, кај генерација родени “2003“ година

ФК Вардар го освои второто издание на турнирот “Гази Баба Куп 2016“, кај генерација родени “2003“ година

Вардаровата генерација родени “2003“ година е освојувач на вториот младински турнир за оваа генерација, “Гази Баба Куп 2016“ , кој се играше на стадионот Борис Трајковски и терените на фудбалската федерација на Македонија. Овој турнир беше под покровителство на Општина Гази Баба и ОФС Гази Баба, на кој учествуваа 15 екипи од неколку градови од Македонија. Избраниците на Томче Трајановски одиграа пет натпревари и забележаа исто толку победи. Екипите беа подели во пет групи, составени од по три екипи.

Во групата во првото коло се сретнавме со екипата на Њу Старс и ја совладавме со резултат 2:1. Стрелци на головите на овој меч за нашиот тим беа Благоја Јаневски и Алек Сељанац. Во вториот меч за противник ги имавме врсниците од Кул Пандев. Тука победивме минимално со 1:0 со голот на Марио Петрушевски. Со овие две победи нашите млади надежи си обезбедија пласман во најдобрите осум екипи. Таму за противник ја имавме екипата на Професионал. Сигурна игра за избраниците на Трајановски и на овој меч, кои ја продолжија серијата на победи за конечен резултат од 2:0. Дамјан Андреев и Никола Петковски донесоа победа за Вардар на овој дуел.

Следуваше полуфинале и дуел со екипата на Работнички. Ова беше трет пат да се сретнеме со овој противник, После победите во лигата и купот, Вардарци им одржаа уште една фудбалска лекција на врсниците од градски парк. Забележавме убедлив триумф од 5:0. Антонио Мирков и голманот Лука Стојковски погодија по два пати, додека стрелец на еден погодок беше Иван Пашариковски. На тој начин обезбедивме пласман во големото финале кое се играше на терените на ФФМ.

За трофејот на турнирот се сретнавме со екипата на Милано од Куманово. Тука победникот беше решен дури по изведувањето на удари од белата точка. Во регуларниот дел натпреварот заврши без победник 1:1. Стрелец за Вардар беше Антонио Мирков. По изведувањето на пенали, црвено-црните излегоа како победници, славејќи со резултат 5:4. На тој начин нашата Вардарова екипа стана освојувач на второто издание на турнирот “Гази Баба Куп 2016“.