Tuesday ,16 April 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > Прв тим > ВАРДАР ПОБЕДИ И ДОЈДЕ ДО ЕСЕНСКАТА ТИТУЛА!!!
ВАРДАР ПОБЕДИ И ДОЈДЕ ДО ЕСЕНСКАТА ТИТУЛА!!!

ВАРДАР ПОБЕДИ И ДОЈДЕ ДО ЕСЕНСКАТА ТИТУЛА!!!

Вардар е есенски шампион на Македонија! Со денешната убедлива победа во Струмица од (0:1) 0:3 и официјално Вардар се промовираше во есенски шампион. Шанса за уште поголема предност пред паузата ќе има во последното коло, идниот викенд, кога во Скопје гостува екипата на Шкендија.

Вардар на полувреме имаше предност од 0:1, откако со ран гол го отвори резултатот. Се играше 11.минута, одлично нафрлување на Тошевски од десната страна, а на вториот дирек Аврамовски од само неколку метри со глава смести во мрежата на домашните за голема радост на нашите играчи со навивачите кои беа непосредно зад голот на домаќинот. По голот, Вардар играше мудро, напаѓаше, но не остваше и многу простор за домаќинот. Во 28. минута Стоилов од одлична позиција од слободен удар од 18 метри се обиде, но млак удар кон голот на Гачевски кој заврши само ви живиот sид. Потоа, во 38. минута, Стоилов испрати прецизен центаршут, а Рајковиќ осамен на 7-8 метри пред голот на Вардар шутираше непрецизно и прoпадна и оваа шанса. Шанса за втор гол имаше Адем кај Вардар во финишот, но неговиот удар од косо, го одбрани голманот на домаќините и таа топка заврши во корнер за нашиот тим. До крајот на првиот дел немаше возбудувања на двете страни.

Вториот дел започна со убава шанса на Вардар. Во 52. минута Цветаноски во убава позиција шутира откосо од десеттина метри, но блокира домашната одбрана и пропадна и оваа шанса. До 68. минута немаше шанси на двете страни, Вардар ја умртви играта, нешто што сосема му одговараше. Потоа, се играше 69.минута, а Даниел Аврамовски уште еднаш покажа класа и постигна гол за печат на победата и есенска титула. Одлична асистенција на Ибиши до Аврамовски кој од непосредна близина ниско по земја погодува за водство од 0:2. Во 78. минута домаќинот не искористи 100% шанса. Нововлезениот Миловановиќ проигра до Јованов кој продре пред голот на Вардар, но од 7-8 метри шутираше непрецизно покрај десниот дирек. До крајот на дуелот Вардар постигна уште еден гол. Во 87. минута печат на победата стави Владица Брдаровски за 0:3. Одлично проигрување од Аврамовски до Брдаровски кој по десната страна избива очи во очи со домашниот голман и лесно го совладува за печат на победата.